За пеколот – Писмо бр. 11 до Јеховин Сведок

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Бидејќи веќе нешто ти кажав за православното сфаќање на пеколот, ќе продолжам на таа тема.

Повторувам дека никој никогаш, за овие 2000 години од постоењето на Православната Црква, не рекол дека Бог го создал пеколот. За Црквата, самата помисла на тоа е богохулна[1], но тоа не значи дека пеколот не постои. Следејќи ја логиката на вашиот Расел, можеме да заклучиме дека не постои ни злото. Меѓутоа, евидентно е дека тоа постои. Од каде е злото, ако Бог не го создал? Го измислил ѓаволот – тоа би ви го одговорил и самиот Расел. Така можеме да одговориме и на прашањето: од каде е пеколот? Го измислило и создало паднатото создание. Секое постоење без Бога и вон Бога е пекол! За созданието не постои трилема, туку само или со Бога или без Него. Оној кој го бира второто, го бира пеколот, без разлика дали е свесен за тоа или не. Бог е апсолутен и човекот избирајќи Го Бога, добива сé. Со тоа, таа дилема на творението не е принуден чин, затоа што Бог е и апсолутна слобода. Бог не може да го натера човекот да Го сака, бидејќи тоа тогаш би било принуда, а секоја принуда ја исклучува љубовта, а она што човекот ќе го избере, а не Бог, води во пекол, во состојба на одвоеност од Бога.

Од каде тогаш мислењето на Расел дека “таканаречените христијани” мислат дека Бог го создал пеколот? Бидејќи Расел живеел во протестанска средина, а главна цел на критиките на протестантизмот е римокатолицизмот, така и тој, а и следните неговите последователи, ја фокусирале својата критика кон римокатолицизмот. Римокатоличкото гледиште на пеколот може да наведе до заклучок дека Бог го создал пеколот, иако и римокатоличката теологија тоа јасно го негира. Заклучокот (погрешен) може да биде изведен од јуридичкиот однос кон Бога, кој го негува римокатолицизмот, како и од језуитскиот начин на интерпретација на римокатоличкото учење. Имено, римокатолиците се однесуваат кон Бога според принципот – за гревот следува казна и за доброто дело – наград. Од ова може да се заклучи (погрешно) дека рајот е крајната нагрда, а пеколот е крајна казна во римокатоличкото учење. Покрај тоа, римокатоличките проповедници често низ историјата, во своите мисии го користеле методот на застрашување, по принципот рај-наград, пекол-казна. Пеколот не значи да се биде казнет, туку да се биде промашен.

На ова место може да го поставиме прашањето за маките во пеколот. Прикажувањето и опишувањето на маките во пеколот е всушност обид на човекот да искаже и опише со зборови или слики нешто што е вон неговото искуство. На многу места во Светото Писмо, во недостаток на зборови, писателите прибегнувале на описи и приближни споредби, а во описите на божествената слава, Божјите дела и Отровенија, прибегнувале кон антропоморфизми. Така, во описиот на пеколот и пеколните маки, човекот прибегнува кон споредби. Човекот опишува како тоа би изгледало кога би се одвивало во овој свет.

Од каде потекнуваат пеколните маки? Од една страна, од човековото спознание на сопствената промашеност, а од друга страна, од присуството на мноштво демони, кои се наоѓаат во тие “области на промашеност”. Има ли пострашен оган од спознанието и живењето на сопственото промашување, кое оди во вечноста? Маките на тој оган човекот може да ги прикаже само со тварниот оган. Бог не ги ставил демоните во пеколот за да ги мачат грепниците. Демоните самите на себе си го создале пекол со своето богоотстапништво. Значи, тие не престојуваат во пеколот заради мачење на грешниците, туку таму се  бидејќи тоа е нивна средина. Човекот со гревот се одвојува од Бога и се фрла директно во устата на пеколот, па ако демоните ги беспокојат и мачат луѓето уште во овој свет, колку ли повеќе во нивниот сопствен амбиент ќе се нафрлат на човекот. Демоните не се никакви затворски чувари и мачители кои казнуваат затоа што Бог ги поставил таму заради тоа. Така, пеколот ја нема римокатоличката јуридичка смисла. Човекот кој, лутајќи, падне во разбојничко дувло, не може да очекува добро да помине, ако тие разбојници го тепеле и ограбувале уште во неговата куќа.

Како што прагот на Царството Небесно е во самиот човек[2], така и прагот на пеколот e во самиот човек. Прашање е само на која врата човекот ќе тропне. Трагајќи за Царството Небесно, човекот трага по Ликот Божји по кој е создаден, а преминувајќи го прагот на пеколот, човекот оди во прегратка на змијата, која повторно ќе му понуди да се одрече од Бога. На страшниот суд Бог нема да ги одвои само добрите од лошите, нема таа поделба да биде само меѓу луѓето. Таа ќе биде и во самите луѓе, во нивното срце злото ќе биде одвоено. Поинаку човекот и не би можел да го наследи вечниот живот, бидејќи злото со себе носи грев, смрт и распадливост, а ништо од тоа не е својствено на Царството Небесно.

Не сме овде за да расправаме дали пеколот постои или не, туку дали она што Јеховините сведоци сакаат да го прикажат како православно (“така наречено христијанско”) учење, е навистина така. Сум имал прилика, не само кај Јеховините сведоци, туку и кај други псевдо-христијански секти (адвентисти), да видам како едно православно учење со провидна манипулација станува “автентично” нивно, а во таа замена главниот адут во рацете на емисарите на псевдо-христијанските секти е тоталното непознавање на Православието од страна на жртвата. Жртвата која нема особена врска со Православието (крстена), како низ магла знае нешто за пеколот (од филмовите), а можеби во црква видела фрески или икони на кои се прикажани мачењата во пеколот. Јеховините сведоци уште објануваат дека пеколот е измислица, а тоа е лесно да се докаже токму со Раселовиот заклучок: “Ако Бог е Бог на љубовта, тогаш Он не го создал пеколот”. Жртвата во тоа гледа мудар заклучок, не знаејќи дека навистина е православно учење. Вие малку размислувате и велите: “Навистина, сум видел кај нив во црква слики на кои е прикажан пеколот. Ете, тие мислат дека Бог го создал пеколот”. Ова е крајно нечесен начин, мошне низок и измамнички. Зошто на Православието би му припишувале нешто што е потполно спротивно од Православието?[3] Тоа може да биде направено од незнаење или со намера – и тоа многу злобна намера. Ако сакам да го критикувам учењето на Јеховините сведоци, не можам тоа да го правам припишувајќи им нешпто што не е нивно учење. Овој облик на манипулација постои во многу прашања кои ги изнесуваат Јеховините сведоци во својата литература.

Нечесно е да му се ставаат во уста зборови на некој кој никогаш не ги изговорил. Ниту еден православен никогаш ниту рекол ниту ќе рече дека Бог го создал пеколот, но ќе рече дека пеколот постои. Постои, исто како што постои и злото, и има иста причина. Поради неинформираност и незнаење, Расел брзоплето извел заклучок.[4]

Можеби Јеховините сведоци не знаат (или не сакаат) да постои нешто што се нарекува теодицеја, а тоа е опрадвдување кое христијаните го изнесуваат пред нападите на безбожниците и атеистите во поглед на постоењето на злото. Токму аргументите кои Расел ги покренал во овој проблем, ги изнесувале и ги изнесуваат противниците на Христијанството: ако Бог е добар, зошто постои злото и пеколот. Теодицеја е изнесување на аргументи во корист на христијанството, значи “оправдување” на Божјото добро пред атеистите. Заради тоа, невозможно е некој кој докажува дека пеколот и злото не ги створил Бог, во исто време да смета дека Бог го создал пеколот. Тоа е бесмисленост.

Од Бога здравје!


ЗАБЕЛЕШКИ:

1.      Чувствувам должност да ги наведеме мислењата на Столбовите на Црквата, кои зборуваат спротивно од авторот. Свети Јован Златоуст говори: “Ѓаволот затоа и убедува некои да мислат дека нема пекол, за таму и да ги фрли. Напротив, Бог се заканува со пеколот и го ПОДГОТВИЛ за ние, знајќи за него, да живееме така за да не паднеме во пеколот”. (Полное собрание творений св. Иоанна Златоуста. Т. 8. Кн. 2. М., 2002. С. 786). Знаејќи пак однапред дека створените од него луѓе ќе го разгневат Него, својот Бог Творец и, отфрлувајќи го почитувањето на вистинскиот Бог, правејќи си бездушни идоли и клањајки им се, Он поради тоа ПОДГОТВИ две места, каде луѓето ќе се преселуваат по завршувањето на својот земен живот. Првото место Он го осветли со вечна светлина и го исполни со изобилни и неискажливи добра, а другото место го ИСПОЛНИ со непроѕирна темнина, неизгаслив оган и вечни маки. Во првото, светлото место, ќе се преселат оние кои ќе Му угодат исполнувајќи ги Неговите заповеди, а во другото, темно место, ќе се фрлат оние кои со својот расипан живот го разгневуваат својот Творец и си ја заслужиле својата казна. Оние кои ќе бидат во светлото место, ќе живеаат бесмртен живот во непрекината и бесконечна радост, а оние во темното место, ќе се мачат непрестајно во бесконечните векови. Одвојувајќи го огнот од водата и светлината од темнината, Творецот ги ОБРЗУВА посебно секој од нив и им ОДРЕДИ посебно место“. (Житие на Свештеномаченикот Патрикиј, епископ бруски. 19 мај. Житија на Светиите, Свети Јустин Ќелијски) – заб. на интернет приредувачот.

2.      “… Зашто царството Божјо е во вас внатре.” Лк. 17, 21.

3.      Во памфлетот, кој го видов своевремено, а требаше да послужи како реклама за ”автентичните христијани” кои програмата ја објавуваа преку радио, стоеше дека не веруваат дека гревовите се простуваат со ставање на пари на иконите. Ова е крајно безобразен начин на врбување на новите членови. Прашањето кое би го поставил е следново: Кој верува во таков начин на проштевање на гревовите ?

4.      Кога во Библијата се говори за адот (евр.Шеол), наидуваме на навидум противречни стихови. Јеховините  сведоци тој проблем го решиле така што ги прифаќаат само оние стихови во кои адот е преставен како безживотно место на сенки и темнина (на пр. Пс. 6, 5). Со тоа го докажуваат непостоењето на бесмртната душа, што го припишуваат на паганското (филозофско) наследство (иако на волшебен начин не забележуваат дека нивното учење во тој поглед е идентично на најгрубиот материјализам, кој го негувале епикурејците во Старо време, рационалистите и хуманистите од Средниот век и понатаму, а во најново време – позитивистите и на нив сличните, како и припадниците на милитантниот материјализам-комунистите). Во литературата на оваа секта ќе најдете безброј лингвистички докази дека еврејскиот збор Шеол не означува ништо друго, туку потполно исчезнување, како и мноштво на натегнати толкувања и објаснувања на оние цитати, кои недвосмислено говорат за егзистенцијата на душат по смртта. Ако ги гледаме библиските стихови кои зборуваат за тоа што се случува по смртта, ќе видиме дека во Стариот Завет постојат противречности, па така на едно место псалмопеецот вели: “бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе, во гробот кој ќе Те слави Тебе?” (Пс. 6, 5), а на друго: “Оти нема да ја оставиш душата моја во пеколот…“ (Пс. 15, 10; Јов. 24, 12). Но, кога Господ или апостолите говорат за душата во Новиот Завет, тогаш тоа е секогаш во контекст на бесмртноста на душата. Имено, во Новиот Завет, кога се зборува за смртта и за животот, се зборува исклучиво за духовната смрт и духовниот живот. Така. апостол Павле вели: „иако бевме мртви…“ (Еф. 2, 5). А Господ нé предупредува: „Не бојте се од оние кои го убиваат телото, туку од оној кој може душата да ја погуби“ (Мт. 10, 28), или како што апостол Јован вели: „Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот…“ (1 Јов. 3, 14). Значи, границите на физичката смрт се бришат. Но, за да ја разрешиме дилемата, не е потребно да посегнуваме за разноразните натегнати лингвистички докази. Доволно е малку да го разгледаме старозаветното учење за душата и бесмртноста. Тоа учење не е јасно дефинирано, бидејќи Евреите сметале дека секој човек, без исклучок, слегува во шеолот, а што се случува понатаму, не им било познато. Во јудејството постоеле повеќе фракции: тоа биле фарисеите, есеите, терапевтите и садукеите. Фарисеите биле формалисти и буквално го применувале законот, Есеите и Терапевтите тежнееле кон духовно сфаќање на религијата, дури до одрекување од обредната страна, а Садукеите биле рационалисти. Меѓутоа, она по што овие фракции остро се разликувале и конфронтирале е точно учењето за душата, воскресението и постоењето на ангелите и духовниот свет. Имено, фарисеите верувале во бесмртност на душата, воскрението и ангелскиот свет, додека садукеите биле противници на сето тоа и ги нарекувале јудејски епикурејци. Апостол Павле дури и го користи нивниот конфликт (Дела 23, 6-8), и настанува расправија меѓу нив: „бидејќи садукеите велат дека нема воскресение, ни ангели, ни дух, а фарисеите го признаваат сето тоа“ (Дела 23, 8). Од ова е очигледно дека тие не го сфаќале и не го објаснувале зборот шеол како што тоа го прават Јеховините сведоци, иако биле Евреи, значи одлични познавачи на сопствениот јазик. Заради ова, лингвистичкиот доказ не е валиден, бидејќи во спротивно, Евреите би го имале единственото учење за овие спорни прашања.

Извор: Светосавље

Преведе: Ж.С

Поврзани:

Писмо бр. 1

Писмо бр. 2

Писмо бр. 3

Писмо бр. 4

Писмо бр. 5

Писмо бр. 6

Писмо бр. 7

Писмо бр. 8

Писмо бр. 9

Писмо бр. 10

Писмо бр. 11

Писмо бр. 12

Писмо бр. 13

Писмо бр. 14

Писмо бр. 15

Писмо бр. 16

Писмо бр. 17

Писмо бр. 18

Писмо бр. 19

Писмо бр. 20

This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Протестантизам, Рај и Пекол. Bookmark the permalink.