Зошто свештениците ги нарекуваме отци? – ПИСМО БР. 12 до Јеховин сведок

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Една од првите забелешки што сум ги чул од вас, во поглед на непочитување на заповедите од Светото Писмо, е: зошто православните ги нарекуваат своите свештеници отци, кога Господ рекол така никого да не нарекуваме? Навистина, Господ рекол: „И никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата“ (Мт. 23, 9).

Но, и тука по кој знае кој пат, имаме случај кога Јеховините сведоци ги земаат во обзир само оние делови од Светото Писмо кои им одговараат, иако во самото Свето Писмо имаме и потполно спротивно тврдење. Јеховините сведоци, доследни на самите себе, тогаш мора да го критикуваат и апостолот Јован, бидејќи тој вака пишува: „Ви пишувам вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој беше од почетокот“ (1 Јн 2,13) „Ви напишав вам, татковци…“ (1. Јн. 2, 14).

“Мажи, браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана” (Д. ап. 22, 1) така им се обраќа апостол Павле на собраните.

А тој рече: “Луѓе, браќа и татковци, чујте!“ (Д. ап. 7, 2) обраќање на архиѓакон Стефан кон Синедрионот.

Ја имаме Господовата заповед никого на земјата да не нарекуваме отец, а од друга страна, гледаме дека самите апостоли им се браќале на другите со: отци. Следејќи ја логиката на Јеховините сведоци, ние би морале да признаеме дека апостолите ја прекршиле заповедта на Господа.

Меѓутоа, не е така. Оваа наизглед контрадикторност настанува во случај кога погрешно ги толкуваме заповедите Господови, како и самите зборови на апостолот.[1] Господ нам во своите заповеди нé поучува на смирение, а за тоа е посветена цела беседа во Матеј 23. Нé поучува да не се превознесуваме и да не се фалиме со титули и човечки почести. Ни кажува никого да не нарекуваме отец во смисла тој некој и неговите зборови да ни бидат побитни од Отецот Небесен и Неговите зборови. Ни вели да не бидеме следбеници на луѓе, туку следбеници на Бога. Затоа Господ, во продолжеток, вели да не се нарекуваме еден со друг наставници, затоа што еден е нашиот наставник Христос.

Кога, следејќи кој било човек, па и самите апостоли, би го возвисиле тој човек над нашиот Отец небесен, тогаш би ја прекршиле заповедта Господова. [2]

Зошто православните своите свештеници ги нарекуваат отци? Апостол Павле вели: „Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве подучам како мои омилени чеда. Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието“ (l.Kop.4, 14-15).

Значи, апостол Павле Коринтјаните ги нарекува деца, а себеси нивен отец. Овде татковството се однесува на духовно татковство т.е. татковство пренесено со пренесување на Евангелието. Апостол Павле ги „родил“ како христијани. Во таа смисла и православните своите свештеници ги нарекуваат отци, како оние кои во Исуса Христа раѓаат духовни чеда, а не како оние кои ги обожаваат како полубогови или богови.

Чеда мои, кои повторно со мака ве раѓам додека Христос се обликува во вас“ (Гал. 4,19). И овде апостол Павле зборува токму за духовното татковство, кое бдее над духовните деца. Таква смисла на зборот „отец“ дава и православниот христијанин кога се обраќа кон свештеникот.

На неколку места во Новиот Завет Авраам е наречен отец (Лк. 16, 30; Рим. 4,1; 11-12). Кога потесно разгледуваме, Авраам е праотец на еврејскиот народ, но пошироко разгледувано, тој е духовен праотец на сите кои веруваат и, како таков, апостол Павле го споменува, нарекувајќи го отец во Рим. 4:11: И знакот на обрезанието тој го доби како печат на оправдување преку верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним да им се прими како оправдување“. Значи, Авраам е отец на сите верни (необрезани). И Авраамовото татковство и татковството на православниот сештеник истовремено е со пастирската служба. Како што Авраам, како отец и како пастир, го предводел целото свое семејство, така и православниот свештеник, како отец и пастир, ја предводи својата паства.

Брзоплето и еднострано осудување не е решавање на проблемот, ниту е добронамерно. Меѓутоа, сите оние кои тенденциозно го толкуваат Светото Писмо, премолчувајќи ги деловите кои не им одговараат, треба да ги имаат на ум зборовите на апостол Петар: како што и во сите негови посланија зборува за ова; во нив има некои тешко разбирливи нешта, кои неуките и незацврстените ги изопачуваат, како, впрочем, и другите Писма, за своја погибел“  (2. Пет. 3,16).

* * * * *

 Да погледаме каде Јеховините сведоци, не само што стојат во расчекор со Евангелието, туку директно ја банализираат и менуваат Христовата наука, токму во поглед на учењето за Отецот Небесен.

Едно од потполно новите откровенија на вистината, која Христос го дал на луѓето, е дека Бог им е – Отец Небесен. Ниту една религија до тогаш Бог не Го нарекла Отец. За Евреите Бог бил неприкосновен авторитет, законодавец и судија, и било нечуено на таквата неизмерна величина и сила да се обраќа толку блиско (слободно). [3] Заради ова учење, Христос често доаѓал во конфликт со Евреите, па дури за тоа сакаат да Го каменуваат.

Господ вели: „Бидете совршени како вашиот Отец Небесен“, нé учи на молитвата „Оче наш“, вели дека Бог нé чека како заблудени синови да му се вратиме, а тоа и е победа на благодатта над законот, за што пишува и апостол Павле. Победа на љубовта над правилата! Затоа во Православието, една од главните догми (непроменливи вистини), е дека Бог нам ни е Отец Небесен. Со исповедувањето на верата во Него започнува и Символот на Верата (кратко исповедување на она во што православните веруваат): „Верувам во единиот Бог Отец…“

Каква врска има сето ова со Јеховините сведоци? Во „Стражарска кула“ од 1-ви октомври 1995 год. на стр. 9 го наоѓаме текстот под насловот „Јехова – Бог кој поучува“, каде стои: Значи, тие (другите овци, заб. на пис.) правилно Му се обраќаат на Бога како „отец“, бидејќи тој всушност ќе биде нивен дедо преку вечниот отец Исус Христос“. Овој заклучок го поткрепуваат со цитати од Мат. 6, 9 и Ис. 9, 6.

Да го разгледаме нивниот заклучок во светлото на евангелската наука:

Прво, никаде (ама никаде!) во Светото Писмо Христос не рекол дека Бог е некому дедо. Христос вели: “…и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите гревови“ (Мт. 6, 15 како и во Мт. 6, 32). Христос секогаш зборувал за Бога како за Отец. Никогаш не рекол дека Бог е на едните отец, а на другите дедо.

Секој Јеховин сведок ќе се заколне дека нивното учење е исклучиво втемелено на Светото Писмо, па и вие. А овде наидуваме на учење кое не постои во Светото Писмо, и не само тоа, туку една од најголемите вистини изнесени во Новиот Завет ја прави релативна. Господ темелно го објаснил татковството на Бога кон Себе и кон нас. Бидејќи Јеховините сведоци учат дека Господ е архангел Михаил, тогаш излегува дека ангелите се “стриковци” на „другите овци“, или стрико им е Светиот Дух, кој исходи од Отца. Бесмисленост!

Освен тоа, наведениот цитат од Мт. 6, 9 е почеток на молитвата „Оче наш“. На кој начин оваа молитва го поткрепува учењето дека Бог е некому дедо? Никаде не постои молитва кон дедо. Во цитатот Ис. 9, 6 Оној Кој ќе се роди е наречен “Бог силен и вечен Отец“, што и е место за сопнување за Јеховините сведоци, бидејќи не го признаваат Христовото татковство кон сите спасени, туку само кон другите овци т.е. оние кои ќе живеат на Земјата. Со ова избегнуваат да признаат дека Христос е Бог!

Од друга страна, ги обвинуваат православните дека нарекувајќи го свештеникот „отец“ ја прекршуваат заповедта: Никого не нарекувајте отец. А истовремено Небесниот Отец го нарекувате дедо и тоа вам ви е сосема соодветен заклучок. Тоа е лицемерие.

Бог да те просветли.


ЗАБЕЛЕШКИ:

  1. Некои псевдохристијански секти им забрануваат на нивните припадници дури и физичкиот татко да го нарекуваат отец, туку да му се обраќаат со тато.
  2. Таков случај имаме во хиндуизмот и хиндуистичките секти, каде следбениците гуруата ги сметаат за божество и како на такви им служат, ги следат и ги обожаваат.
  3. Ова важи и за мухамеданците кои, исто така, во ваквото христијанско обраќање кон Бог гледаат сквернавење.

Извор: Светосавље

Преведе: А.А.

Поврзани:

Писмо бр. 1

Писмо бр. 2

Писмо бр. 3

Писмо бр. 4

Писмо бр. 5

Писмо бр. 6

Писмо бр. 7

Писмо бр. 8

Писмо бр. 9

Писмо бр. 10

Писмо бр. 11

Писмо бр. 12

Писмо бр. 13

Писмо бр. 14

Писмо бр. 15

Писмо бр. 16

Писмо бр. 17

Писмо бр. 18

Писмо бр. 19

Писмо бр. 20

This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Никој не нарекувајте „отец“, Протестантизам, Свештенство. Bookmark the permalink.