„Нов Свет“ – Преводот – ПИСМО БР. 18 до Јеховин сведок

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Драг пријателе,

Вашиот “Нов свет” (NW) превод, кој најмалку е превод, сочинет е за да поткрепи извесни учења на Јеховините сведоци, како и вашата доктрина во целина. Тоа е најгрубо преправање на текстот на Светото Писмо, како и нарушување на интегритетот на Библијата, за што и овде Јеховините сведоци го следат наследството на одамна осудените еретици. Така, ни ова нарушување на текстот на Светото Писмо, не е прво во историјата. Да се потсетиме на еретикот Маркион, кој го преправал Евангелието по Лука. Меѓутоа, „Нов свет“ може да ни даде еден современ пример како и зошто настануваат апокрифите. Во предговорот на овој превод на српски јазик, меѓу останатото, стои: „Преводот Нов свет настојува што е можно поточно да го пренесе грчкиот текст… “[1] Но, многумина стручни лица и филолози, познавачи на грчкиот јазик, не се сложуваат со оваа констатација, а меѓу останатите, и др. Џеј Р. Манти, стручно лице за библиски текст и угледен филолог, за „Нов свет“ вели: „Никогаш не сум сретнал превод кој е толку далеку од оригиналот. Не можете оваа верзија на преводот да ја земете како точна, бидејќи е комерцијална и измамничка, бидејќи тие (Јеховините сведоци) намерно ги замениле зборовите, за тоа да се вклопи во нивните доктрини. Уништиле многу пасуси“[2].

Кога би го анализирале секој случај на преправање и изменување на текстот во „Нов свет“, ќе мора да направиме посебна студија. Заради тоа, ќе споменеме само неколку случаи, кои го илустрираат грубото нарушување на интегритетот на библискиот текст.

Иако во додатоците и објаснувањата на самиот превод „Нов свет“, како и во другите книги, каде Јеховините сведоци зборуваат за преправените места, наоѓаме куп граматички објаснувања, појаснувања и убедувања дека нивната верзија на преводот е правилна, тоа не е точно. Граматичките аргументи кои ги наведуваат Јеховините сведоци се неточни и погрешни, повеќе сочинети за да ги фасцинираат сопствените следбеници и да создадат илузија на извонредно познавање на грчкиот јазик, отколку навистина да ја потврдат оправданоста на преводот на Јеховините сведоци.

Местата во Светото Писмо, кои беа први на удар на преправања, се оние кои директно говорат за Господ Исус Христос како за Бог. Во „Нов свет“ преводот, сé до последно, овие места се преправени, така што ја загубиле својата првобитна смисла. Ниту едно од овие места, според преводот на Јеховините сведоци, не зборува за Господа како за Бог[3]. Негирањето на Христовото божество е главната цел на овој превод.

Во изданието на преводот „Нов свет“ на српски, во додатокот на стр. 1438 ( под 6.), стои: „Ние не сакаме ништо да додадеме на Божјото пишано слово…“ Доволно е да се отвори Посланието до Колосјаните во NW (Нов свет) и да се види колку Јеховините сведоци се доследни на својата изјава. Во нивната верзија на преводот во 1-ва глава од Посланието до Колосјаните, стои: „…бидејќи преку него е создадено сé друго…“ (стих 16); „сé друго е создадено преку него…“ (стих 16); „тој е пред сé друго…“ (стих 17); „сé друго станало…“ (стих 17); „и преку него да измири сé друго“ (стих 20).

Во наведените стихови не постои ниту граматичка ниту лингвистичка оправданост да се додава зборот „друго“. Имено, зборот „друго“ е додаден од страна на Јеховините сведоци за со тоа и Господ Исус Христос (овие стихови зборуваат за Него) да биде вброен кон созданието, бидејќи тоа е како да речеме „сé останато“. Ова е направено за да биде поткрепена доктрината на Јеховините сведоци дека Христос не е Бог, туку создание, како и сé останато. Ниту во еден друг превод не постои вметнување на зборот „друго“.

Иако во предговорот на изданието на NW на српски (после редоследот на книгата, стр. 1024) стои упатството: „двојните аголни загради [[]] укажуваат на интерполација (внесување на туѓ материјал) во оригиналниот текст“, во посланието до Колосјаните додадениот збор „друго“ не е во загради. Со ова Јеховините сведоци не ги почитуваат дури ни сопствените правила. Но, очигледно е дека тоа означување е намерно пропуштено, бидејќи во спротивно Јеховините сведоци ќе мора да објаснуваат зошто го преправиле Светото Писмо, а тоа никако не би им било во прилог.

Еве уште еден пример. Без обзир на мноштвото граматички објаснувања, мораме да констатираме дека Јеховините сведоци граматиката на грчкиот јазик не ја примениле баш најдобро на сопствениот превод. Доказ за тоа е првата глава од Евангелието по Јован. Имено, на стр. 145. од „Расправа на основа на писмото“, каде се разгледува стихот Јн. 1,1, Јеховините сведоци наведуваат како дел од стихот превод на NW: „Словото беше бог“ (зборот Бог напишан со мала буква), додека во продолжеток граматички објаснуваат зошто NW го превел овој стих на тој начин. Причината за ваквиот превод е, според нив, одреден член (тон) кој се појавува пред првото спомнување на зборот Бог на грчки јазик: „и Логосот беше во Бога“, што укажува на идентитет, личност, додека во случајот: „Словото беше бог“, зборот Бог стои без одреден член, што укажува на нечие својство. Ова тврдење е потполно неточно, но зачудувачки е дека самите Јеховини сведоци не го примениле доследно и тоа неколку пати. Само во првото поглавие на Евангелието по Јован, зборот Бог се јавува седумпати, а еден во првиот стих се јавува со член: „и словото беше кај Бога“ (NW),  па Јеховините сведоци, исто така, пишуваат со голема буква. Така во 6. стих стои: „…туку од Бога…“ (NW).

Интересен е стихот 18, каде во грчкиот текст зборот Бог се појавува двапати без одреден член, но Јеховините сведоци не преведуваат според своето граматичко правило, туку: „Ниту еден човек никогаш не го видел Бога“, (според Јеховините сведоци, зборот Бог би требало да се пишува со мала буква), додека во продолжеток стои: „…Единороден бог…“. Овде зборот Бог е напишан со мала буква, бидејќи се однесува на Господа, иако во двата случаја, грчки збор Бог се појавува без одреден член, тон, со што Јеховините сведоци не го почитуваат ниту сопственото измислено правило. Не е тешко да се погоди зошто е тоа направено. Имено, второто спомнување на зборот Бог се однесува на Господа Исуса Христа, па за Јеховините сведоци недопустливо е да се напише Бог.

Во продолжеток на текстот на стр. 145 од „Расправа на основа на писмото“, Јеховините сведоци се обидуваат да го поткрепат тврдењето дека апостол Јован во Јн. 1,1 не рекол дека Словото (Логосот) е вистински Бог. Тоа се обидуваат да го направат со помош на 18. стих од првата глава на Евангелието по Јован. Логичката конструкција ја градат цитирајќи го 18. стих: „Бог никој никогаш не го видел…“, и го поставуваат прашањето: „Дали некој од луѓето го видел Исуса Христа, синот? Се разбира дека да. Според тоа, дали Јован рекол дека Исус е Бог?“ (исто, стр. 148).

Овој заклучок на Јеховините сведоци на прв поглед изгледа логичен, но ако го прифатиме, го втеруваме во лага самиот Господ, Кој рекол: Ако Ме бевте познавале, ќе го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе (Јн. 14,7) или: кој Ме гледа мене, Го гледа Оној Кој Ме пратил“ (Јн. 12, 45). Иако стиховите се цитирани од страна на Јеховините сведоци, наизглед во контрадикторност со последните два наведени, сите се наоѓаат во Светото Писмо, што нам нé наведува на дополнително истражување и објаснување.

Кога го набљудуваме односот на светот и Бога, прво што воочуваме е дека Бог е Создател, а целокупниот видлив и невидлив свет – создание. Созданието по својата природа е апсолутно различно од Бога. За човек да ја поими природата на божеството, мора да излезе од рамката на созданието, што е невозможно, не само за човекот, туку и за најсовршените ангели. Човекот би морал да ја раскине врската со видливото и невидливото создание и да го надмине. Но, тоа е невозможно, бидејќи само Бог не е создание и само Бог постои надвор од рамката на созданието. Затоа, природата на божеството останува недостиглива за човечкиот ум и за умовите на сите битија, и духовни и физички. Кога човек зборува за Бога, тој користи термини соодветни на себе и своите можности. Па така, кога вели дека Бог е светлина, таа светлина не е од тварна (создадена) природа, така што созданието не може ни да ја види. Бог е над секој наш поим за светлината, божествената светлина е бесконечно посјајна од сите ѕвезди во космосот собрани во едно. Но, бидејќи нашиот ум не може ниту да си ја претстави, а камоли да ја види таквата светлина, тогаш човек користи кон себе, а не кон Бог, соодветни термини. Така и во Светото Писмо се користени термини сфатливи за човекот, а термини со кои би била опишана божествената природа не ни постојат. Дури кога велиме дека Бог е апсолутен, ние, всушност, повторно користиме термини на созданието. Бог е вон секоја рамка која ја поставува созднието, и духовна и умна. Кога човекот вели апсолутно, тој всушност дава своја претстава на нешто што ги преминува рамките на сé постоечко. Но, зборот апсолутно за Бога не важи. За Бога можеме да кажеме дека е над-апсолутен, значи над секоја наша можност на кој било начин да го одредиме. Затоа Бог е и над-добро, и над-светлина, Бог е над сé она што можеме да го кажеме за Него. Затоа Бог останува со својата природа непознат за целокупното создание т.е. „Бога никој никогаш не го видел…“ (Јн. 1, 18). Кога некој од созданијата би се обидел да присвои кој било атрибут од божествената природа, па макар тој бил и ангел, херувим или архангел, најсовршен од небесната војска, тоа сепак би била хула, бидејќи ништо што е својствено на Бога не може да биде припишано на созданието. Кога Господ му вели на Филип: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот…“ (Јн. 14, 9), Он тоа го вели бидејќи: „Во Него телесно живее сета полнота на божеството“ (Кол. 2,9). Во Него е потполна природата Божја. За тоа сам Господ зборува кога го прашува Филипа: „Зарем не веруваш дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене?“ (Јн. 14, 10). Преку Христа, Бог ја објави вистината за Себе и затоа, гледајќи го Синот, го гледаме Отца.

Бог, преку Стариот Завет, му се јавувал на светот со Својата сила и влијанието на светот или со Своето обраќање кон луѓето, а во Новиот Завет: „Бог се јави во тело…“ (1.Тим. 3, 16), заради спасение на луѓето, бидејќи сам рече: „Јас сум Господ и освен Мене нема спасител“ (Ис. 43, 11). Бог зел на себе човечка природа во потполност, освен нејзините тежнеења кон гревот, и стана Човек. Божествената природа е скриена од нашите очи во Христа, а Он нам со делата ни го открива нејзиното присуство, како што со делата Бог го откривал Своето присуство во Стариот Завет: „Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми; а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него” (Јн. 10, 37-38). За Евреите, како и подоцна за мухамеданците, нечуено е и да се помисли дека Бог може да земе човечка природа на Себе и да се роди. Тоа било нечуено и за многумина филозофи од античко време. Гледаме дека тоа е нечуено и за Јеховините сведоци, иако нивниот заклучок директно противречи на Господа, Кој вели: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Јн. 14, 9).

Амин!


ЗАБЕЛЕШКИ:

  1. Христијански грчки списи “Нов Свет”, 1999., стр. 1023.
  2. Jeremiah Films: Withnesses of Jehovah.
  3. На пр. 1. Тим. 3, 16 гласи: “И навистина голема е тајната на побожноста: Бог се јави во тело…“, во NW овој стих изгледа вака: “Навистина, мора да се признае дека е света тајна, оваа преданост на Бога е голема: се покажа во тело…”

Извор: Светосавље

Преведе: А.А.

Поврзани:

Писмо бр. 1

Писмо бр. 2

Писмо бр. 3

Писмо бр. 4

Писмо бр. 5

Писмо бр. 6

Писмо бр. 7

Писмо бр. 8

Писмо бр. 9

Писмо бр. 10

Писмо бр. 11

Писмо бр. 12

Писмо бр. 13

Писмо бр. 14

Писмо бр. 15

Писмо бр. 16

Писмо бр. 17

Писмо бр. 18

Писмо бр. 19

Писмо бр. 20

This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Протестантизам, Свето Писмо. Bookmark the permalink.