За Светото Писмо – ПИСМО БР. 15 до Јеховин сведок

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Почитуван пријателе,

Библијата или Светото Писмо, кое се состои од книгите на Стариот и Новиот Завет, е збирка на книги напишана по вдахновение на Светиот Дух. Главната тема на Светото Писмо е Божјото Откровение, т.е вонредното влегување на Бога во човечката историја (од Мојсеја до слегувањето на Светиот Дух на апостолите и понатаму), а врвот на  Откровението е доаѓањето на Спасителот, Господ Исус Христос.

Апостолот Павле ни вели: Целото писмо е од Бога вдахновено(2. Тим. 3,16). Тоа е слово упатено на човекот од Бога или како што блажениот Августин (+430) вели: “Во Светото Писмо преку човекот, на човечки начин говори Бог”, а за врската помеѓу Стариот и Новиот Завет вели: “Новиот завет се крие во Стариот Завет”. Стариот Завет ја преставува историјата на избраниот народ која е проткаена со заветот помеѓу Бога и Евреите и тој нé води кон Новиот Завет, завет помеѓу Бог и новоизбраниот народ – христијаните.  Овој нов завет е запечатен со крвта Христова. Поради тоа Светото Писмо е пред сé Христоцентрична книга. И Стариот и Новиот Завет се остваруваат во Христа, сите библиски патишта водат кон Христа.

Дали Светото Писмо – Библијата отсекогаш изгледала како што изгледа денеска? За да одговориме на ова прашање, мора да се вратиме во далечното минато и да почнеме да  истржуваме од самиот извор на науката на Светото Писмо. Бидејќи Јеховините сведоци себеси, истотака, се нарекуваат христијани, повеќе ќе се концентрираме на Новиот Завет, бидејќи во него е дадена и откриена вистината преку Господ Исус Христос, наука која, како автентично своја, ја присвојуваат Јеховините сведоци.

Книгите на Новиот завет настнале во втората половина на првиот век,  крајниот облик е составен од 27 книги поделени на Евангелион и Апостолос; а аналогно на поделбата на Стариот Завет, се дели на: историски (4. Евангелија и Делата апостолски), поучни (14 посланија на апостолот Павле и 7 соборни  посланија) и пророчки (Откровението на апостолот Јован).

На 162 стр. од книгата „Дали Библијата е навистина Збор Божји“, Јеховините сведоци ја неведуваат оваа поделба на Светото Писмо. Исто така, наведуваат дека Светото Писмо го пишувале боговдахновени луѓе, како и тоа дека боговдахновени биле и препишувачите на книгите на Светото Писмо. Интересно е што и покрај тоа што наведуват 27 книги на Новиот Завет, Јеховините сведоци ниту еден збор не велат за тоа како се дошло до тие книги т.е зашто токму тие 27 книги го сочинуваат Светото Писмо. Овие прашања може да изгледаат одвишно, но ако сакаме да зборуваме за Светото Писмо, мора прво да одговориме на нив. Луѓето кои денес се среќаваат со Светото Писмо, обично не размислуваат во тој правец, бидејќи тоа амо по себе, се чини дека е дадено такво какво што е и обично бива прифатено како монолитна целина, која не зависи од ништо друго. Меѓутоа, токму ваквото гледање на Светото Писмо преставува корен на првата заблуда до која се доаѓа поради недоволното познавање на историјата на неговиот настанок.

Зборувајќи за Новиот Завет, мислам дека не е потребно особено да се истакнува дека прво постоела Христовата наука која е пренесена на апостолите, а од апостолите пренесена е понатаму, усно или писмено. Секој друг заклучок би нé одвел до апсурдите, како што се: дека Свето Писмо настанало како стенограм со непосредно запишување (што Светото Писмо го оспорува) или дека првин настанало Светото Писмо, а потоа се одграле настаните (што е апсрудно и бесмислено). Имено, самиот Нов Завет ни потврдува дека не постоело само усно пренсување на христиојанската наука, туку и писмено, и тоа пред појавата на канонските Евангелија. Така апостол Лука пишува: “Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние кои што од почетокот беа очевидци и служители на словото” (Лк. 1, 12). Значи, уште пред апостол Лука да почнал да го пишува евангелието, постоеле обиди да се вообличи и изложи кажувањето за Исуса Христа, како и самата Негова наука. Со самото тоа очигледно е дека Светото Писмо на Новиот Завет е од подоцен датум од самата појава на христијанското учење.

Дали Светото Писмо е напишано со автоматско диктирање од страна на Бога кон човекот кое го запишувал без сопствено учество во создавањето? Оваа дилема ни ја разрешува евангелистот Лука: Намислив и јас, откако испитав сé од почетокот(Лк. 1, 3). Апостол Лука ги испитувал изворите кои говореле за Господовиот живот и учење, што значи дека активно учествувал во создавањето на Светото Писмо. Тоа и не е нешто необично, бидејќи одност на Бога и човекот секогаш бил дијалог, активно учество и на Бог и на човекот, со што Бог покажува неизмерно почитување кон интегритетот на личноста и нејзината слобода. Светото Писмо е богочовечки дијалог, средба на Бога и Човекот во Христа, а не морализирање и Божји монолог. Тоа е слово на живот, вистина и слобода, тоа е слово кое ослободува. Поради тоа секој обид да се исклучи човекот од создавањето на Светото Писмо всушност е богохулство, бидејќи ја омаловажува  Божјта љубов кон човекот, љубов која најјасно се огледува во почитувањето на човековата слобода. Освен тоа би било апсурдно и да се замисли дека христојанската наука не ја пренесувале учениците на апостолите, без обзир дали со пишан збор или во облик на предание, што значи дека Светото Писмо има свој извор во христиојанската наука, а не обратно.

Кога апостол Павле вели дека целото „Писмо“ е од Бога вдахновено, гледано од денешна перспектива, пред очите ги имаме Стариот и Новиот Завет, какви што денска ги познаваме. Но, во времето на апостол Павле или, поточно, за време на пишувањето на второто послание до Тимотеј (Рим, 67 год.) некои од новозаветните книги сеуште не ни биле напишани, а за канонот не станувало ни збор. Освен тоа, во тоа време не бил оформен дури ни старозаветениот канон. Имено, во 90. година по Христа во Јамнија (Јабнеа) 58 км западно од Ерусалим, се одржал голем собир на кој се расправало за каноскиот статус на поедини книги. (Ова било собор на еврејските познавачи на Светото Писмо). Значи, во времето на апостол Павле ниту Евреите немале строго дефиниран канон на Стариот Завет, кој е утврден дури кон крајот на вториот и почетокот на третиот век. Оно што може да се  заклучи по наведените факти е дека во времето на апсотол Павле Светото Писмо не било сфаќано на начин на кој сме склони ние денес да го сфаќаме. Апостол Павле не можел да зборува за Стариот и Новиот Завет како целина, едноставно зашто во тоа време не ни постоеле како целина. Затоа сосема е погрешно да се размислува за Светото Писмо како за монолитна целина, непроменета од настанокот до денес. Тоа денес е вообличено, но тоа не бил случајот во првиот век од Христијанството.

Освен тоа, писателите на Новиот Завет во цитирањето на Стариот Завет ја користеле многу повеќе Септуагинтата (преводот на седумдесетмината кој настанал во периодот од 3. век до 130 г. пред Христос) кој ги опфаќа и дефтероканоските книги (второканонски, кои протестантите ги сметаат за апокрифни), така што од 350 места во Новиот Завет во кои го цитираат Стариот Завет, 300 се цитати според Септуагинтата(LXX). Дека тоа не е изричит доказ дека треба да се користи поширокиот канон, само ни докажува дека Светото Писмо имало историски пат, на кој не постоел монолитен ситем, туку еден жив допир на Бога со човекот. Тоа ни докажува дека Светото Писмо донекаде ја менувало надворешната форма. Можеби овој заклучок навидум не е значаен, но неретко непознавањето на горенаведените факти предизвикува потполно погрешни престави за Светото Писмо.

Веќе споменав дека имав прилика да се уверам како еден Јеховин сведок не знае дека Евреите не го признаваат Новиот Завет и дека во нивното сфаќање на Светото Писмо, за Новиот Завет нема место. Имено, тој Јеховин сведок се запрашал како Евреите, и покрај што го имаат Светото Писмо (значи и Стариот и Новиот Завет), остануваат слепи за вистината. Ваквата погрешна престава потекнува токму од непознавањето на историјата на настанокот на Светото Писмо, како и историјата на канонот, и од сфаќањето на Светото Писмо како монолитна целина. Значи, за Јеховиниот сведок Светото Писмо отсекогаш било вакво какво што денеска го познаваме. Прашањето кое само по себе излегува на површина е: зошто Јеховините сведоци не ги знаат овие факти и зошто нивната литература никаде не говори за тоа? Одговорот на ова прашње ќе биде даден во поглавјето за канонот. Некои протестантски секти идат дури до таму што велат дека оригиналот на Светото Писмо е на небото, а сите свети писма на земјата се само копии.

Постои уште еден доказ дека Светото Писмо поминало низ извесна преобразба до конечното вообличување. Тој доказ се книгите кои се споменуваат и во Стариот и во Новиот Завет, но кои ги нема, бидејќи се изгубени. Мислељњата за овие книги се поделени, така што некои од отците во првите векови на христјанството сметале дека книгите кои се боговдахновени не можат да бидат изгубени (блажен Августин[1]), додека други ја допуштале таа можност, како Ориген (In Cant. Proleg.) и свети Јован Златоуст (Омилија на 1. Кор.) и оваа варијнта е поверојатна. Можно е содржината во овие книги да била врзана за некои конкретни и привремени услови кои кога исчезнале, се изгубила и потребата за таа книга. Да погледнеме кои се тие книги во Стариот Завет: “Книга за Господовите војни”(Броеви 21,14); “Книгата на Праведниот” (Ис.Нав.10,13); “3000 приказни Соломонови” (3 Цар. 4, 32); “1005 песни Соломонови” (3 Цар. 4, 32); “Соломоновата книга за природата” (3 Цар. 4, 32); “Kнига на делата Соломонови” (3. Цар. 11, 41); “Книга на Самуил Јасновидецот“ (1 Лет. 29, 29); “Пророштвото на Ахиј Силоамјанинот” (2. Лет. 9, 29); “Видение на Ида Јасновидецот”(2. Лет. 9, 29); “Книга на пророкот Семај” (2 Лет. 12, 15); “Книга на Јуја синот Ананиев” (2. Лет. 20, 34); “Дела Озиини” од пророкот Исаија (2. Лет. 26, 22); “Ереминиот плач за Јосија” (2. Лет. 35, 25).

Дека другата теза е поверојатна ни сведочи случајот со уште една книга од Стариот Завет. Еве како за тоа сведочи Светото Писмо: “Кога го вадеа среброто, што беше принесено во Господовиот дом, свештеникот Хелекија ја најде книгата на законот Господов, дадена преку Мојсеевата рака[2] ”(2 Лет. 34, 14). Она што е опишано во 34 глава од втора книга Летописи (Паралипоменон) е ревнувањето за верата од страна на царот Јосија и средувањето на храмот кое тој го наредил. При средувањето на храмот, пронајдена е до тогаш непозната книга од законот. За која книга станува збор? Станува збор за книга која денес има полноправно место во канонот на Стариот Завет, а тоа е Повторени закони (5 Мојсеева Книга). Книгата ја донеле Левитите од Самарија, непосредно пред нејзиниот пад (721 г.) и ја скриле во Ерусалимскиот храм. Периодот од падот на Самарија, па до доаѓањето на власт на царот Јосија во Јудеја (640 год. пред Христа) бил карактеристичен по честото отпаѓање од верата, не само на еврејскиот народ, туку и на царевите, кои неретко самите биле иницијатори на отпаѓањето. Во тој период ерусалимскиот храм е претворен во идолипоклонички храм, а со самото тоа народот го губел контактот со верата. Затоа и книгата на повторените закони била препуштена на заборав и долго време била во ризницата на храмот потполно заборавена. Значи, имаме пример на една боговдахновена книга која буквално била загубена и никој за неа не знаел сé до средувањето  на ризницата за време на царот Јосија. По откритието, издадена е во облик на Мојсеев говор и ова прво издание станало повелба на реформата на царот Јосија, а опфаќало дел кој одговара на поглавјата од 528 од денешната книга “Повторени закони”. За време на Вавилонското ропство  (587-38. г. пред Христе) книгата е преработена, со додавање на уште два Мојсееви говори, а додадените првите 4 поглавја зборуваат за освојувањето на ветената земја. Уште многу може да се дознае од историјата на “Повторените закони” и од неговата структура, но за нашето истражување тоа не е неопходно. На сличен начин можеме да ја проучиме историјата на настанокот на секоја книга од Светото Писмо.

Прашањето што мораме да го поставиме, доколку сакаме навистина и потполно да го запознаеме Светото Писмо, е: како и каде настанало Светото Писмо какво што го познавме ние денеска? Кој, кога и како одредил кои книги треба да го сочинуваат Светото Писмо?

На ова прашње ќе добиеме одговорот ако се запознаеме со историјата на канонот и самиот канон, за што подетално ќе ви напишам во следното писмо. 

Остани со здравје


  

ЗАБЕЛЕШКИ:

  1. De civitate Dei (За Божјата држава 18,38; Салмерон, пролог IV, 4)
  2. 2. Цар. 22,8-10.

Извор: Светосавље

Преведе: Ж.С.

Поврзани:

Писмо бр. 1

Писмо бр. 2

Писмо бр. 3

Писмо бр. 4

Писмо бр. 5

Писмо бр. 6

Писмо бр. 7

Писмо бр. 8

Писмо бр. 9

Писмо бр. 10

Писмо бр. 11

Писмо бр. 12

Писмо бр. 13

Писмо бр. 14

Писмо бр. 15

Писмо бр. 16

Писмо бр. 17

Писмо бр. 18

Писмо бр. 19

Писмо бр. 20

This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Протестантизам, Свето Писмо, Свето Писмо, Свето Предание. Bookmark the permalink.