Дали Христос е Архангел Михаил? – Писмо бр. 4 до Јеховин сведок

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Жално е да се каже, мил мој, дека меѓу оние кои во денешно време го негираат Божеството на Исус Христос спаѓаат и вашите Јеховини сведоци. Тврдите дека своето учење го засновате исклучиво на Светото Писмо и дека врз основа на истото тоа Свето Писмо го давате одговорот на прашањето “Кој е Господ Исус Христос”. Во литературата на Јеховините сведоци забележав неколку верзии на учења за Господ Исус Христос, кои ги применувате во зависност од темата со која се занимава текстот или книгата. За Господа се вели дека е:

1)                       Најголем Човек кој некогаш постоел (постои книга која е вака насловена)

2)                       Бог, но не семоќен, туку потчинет на Отецот (тука Бог е во контекст на Бог по благодат)

3)                       Единороден Син Божји, како прво создание на Бога (парафраза на дефиницијата на стр.142 од книгата Расправање на база на Писмото)

4)                       Архангел Михаил

Поради преобемност ќе го разгледаме само учењето на Јеховините сведоци дека Господ е, всушност, архангел Михаил[1]. Во вториот пасус на наведениот текст стои: “Во 1. Солунјаните 4:16 (Ст) заповедта на Исус Христос да започне воскресението е опишано како „глас на архангел“, а во Јуда 9. стои дека тоа е  архангел Михаил”.

Да разгледаме што стои во наведените стихови:

Бидејќи сам Господ со заповедт, при глас на архангел и при труба Божја, ќе слегне од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите(1 Сол.4,16)

А Архнагел Михаил ,кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: Господ да ти забрани!(Јуда 9)

Каде во овие стихови пишува дека архангел Михаил е тој со чиј глас ќе почне воскресението? Никаде! Двата наведени стиха се грубо извадени од контекст, бидејќи, како што гледаме, во Јуда 9 не стои дека архангел Михаил е тој со чиј глас ќе почне воскресението, ниту пак во 1 Сол. 4,16 стои дека архангел Михаил ќе повика на воскресение.

Во продолжението на текстот, Јеховините сведоци нé прашуваат: “Дали би било соодветно Исусовиот заповеднички повик да се препише на некој кој е помал по власт? Разумно е, значи, дека Михаил е Исус Христос“. Овде гласот на архангелот едностaвно е погрешно препишан на Господа. Зошто? Затоа што во 1 Сол. 4,16 е опишано она што го следи Второто Христово доаѓање. Самиот Христос доаѓа со заповед за воскресение, значи, Он ја изрекува заповедта, а Неговото доаѓање ќе биде пропратено со гласот на архангелот. Така во 1 Кор. 15,52 стои: “Оддеднаш, во еден миг, при последната труба, ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме“. Овде гледаме дека воскресението се случува на звук од труба. Затоа 1 Сол. 4,16 треба да се сфати како опис на општите услови при воскресението и сите пропратни појави. Тоа го докажува и описот кој го дава Самиот Господ во Матеј 24,30-31. Тука гледаме како Господ доаѓа на небесните облаци со сила и голема слава  и како ги праќа своите ангели со „голем трубен глас”. Значи, силниот трубен глас го објавува доаѓањето Христово и воскресението. Тука, исто така, гледаме дека се работи за општите услови на воскресение.

Јеховините сведоци велат дека од нивниот заклучок разумно е дека Исус е архангел Михаил. Меѓутоа, ако се придржуваме до Светото Писмо, тогаш тоа не е разумно да се заклучи, бидејќи никаде во Светото Писмо не стои дека Господ Исус Христос е архангел, а уште помалку дека е архангел Михаил. Нивниот заклучок е плод на погрешно контекстуално спојување на наведените стихови.

Но, кога 1 Сол. 4,16 би го разгледувале со очите на Јеховините сведоци, пак не би смееле да изведеме заклучокот до кои тие дошле. Зошто? Ако е нужно Исус да е архангел само затоа што неговиот галс е опишан како таков, тогаш би морале од истиот стих да изведеме заклучок дека е и Бог, бидејќи во стихот стои дека Господ ќе дојде “и со труба Божја. Дали би било прикладно трубата Божја да ја носи некој кој не е Бог? Исто како што доаѓањето на гласот на архангелот мора да значи доаѓање на самиот архангел, тогаш и доаѓањето со трубата Божја е доаѓање на Самиот Бог. Тоа би нé довело во контрадикторност, бидејќи ќе мора да речеме дека Господ е во исто време и архангел и Бог. Зошто Јеховините сведоци го игнорираат делот за доаѓањето на Господа и со труба Божја, останува нејасно.

Драг пријателе, за жал, ова не е единствен случај кога Јеховините сведоци користат двојни аршини за идентични случаи, а остануваме и без објаснување на што е заснована вашата логика на заклучување.  

Архангел Михаил и старата змија 

Во продолжение, Јеховините сведоци наведуваат уште два стиха од Светото Писмо кои, според нивното мислење, докажуваат дека Господ Исус Христос е архангел Михаил. Во Откровението 12, 7-12 е опишано исфрлувањето на сатаната од страна на архангел Михаил и ангелската војска, а тој стих Јеховините сведоци го поврзуваат со стихот од Откровение 19, 11-16, каде се дава опис на небесната војска под водство на Господ Исус Христос. Според нив, тоа е доказ дека Господ и архангел Михаил се една иста личност. Иако тоа не ми е целта, овде морам да навлезам во областа на егзегезата, бидејќи вака поставениот проблем е егзегетски[2].

Откровението Јованово е пророчка книга, а таквите книги имаат содржина прикажана во проречки контекст. Тоа значи дека настаните во пророчките книги не мора да бидат дадени по хронолошки редослед, бидејќи пророкот истовремено може да согледува настани кои се оддалечени еден од друг со илјадници години. За тоа имаме докази во Стариот и Новиот Завет. На пример, во книгата на пророкот Исаија, по гледањето на Славата Божја (гл.6), пророкот добива, како утеха од Господа, ветување на Емануил (Ис.7,14), а во продолжение, Господ му говори за казната (над Израилот) преку Асирците. Потоа во 9 глава зборува за раѓањето на Месијата, за Неговото име и за Царството. Во 11 глава пак говори за царството на Месијата. После овие месијански места, во 13 глава говори за пророштвото за разурнувањето на Вавилон од страна на Мидијците. Во 14 глава за пропаста на Асирците и Филистејците.

Ова е типичен пример на пророчки контекст каде пророкот, меѓу описите на многу блиски настани, го вметнува описот на раѓањето на Спасителот (иако тоа е оддалечено со векови од настаните меѓу кои е вметнато). Вакви места има и во Новиот Завет. Така, Господ во Матеј 24, Марко 13 и Лука 21 во една слика дава повеќе настани, кои еден од друг се оддалечени со голема времеснки дистанци. И апостол Петар во една слика го поврзува слегувањето на Светиот Дух во последните денови и „денот Господов“ (Дела 2, 16-21)[3]. Исто така, пророците често говорат за некои идни настани во сегашно време (на пример, Исаија 9, 6). Пророчкиот контекст нема за цен настаните да ги прикаже хронолошки, бидејќи не зборува за идни и минати настани, туку, пред сé, зборува за домостројот Божји, значи, за  Божествената промисла за светот. Спасението не е во познавањето на времињата и роковите, туку во исполнување на волјата Божја.

Така и стихот од Отк. 12, 7-12 треба да се гледа во пророчки контекст. Она за што зборува апсотолот Јован во овој стих е исфрлањето на сатаната од страна на архангел Михаил и останатите ангели, а тоа се случило кога сатаната отпаднал од Бога. Горделивиот станата и легионот на паднати англеи го изгубиле своето достоинство, бидејќи какво согласие има помеѓу Христос и Велијар? Или каков удел има верникот со неверникот (2 Кор. 6, 15). Така и станата, поради безаконието и неправдата, беше исфрлен со паднатите ангели, како што вели и пророкот Езекил: Од твојат проширена трговија утробата твоја се исполни со неправда и ти згреши, и јас те соборив како нечист од божјата гора, те истерав тебе, херувиме, кој осенуваше, сред огнени херувими (Езекија 28,16). Како и: “Сите ,што те знаеја меѓу народите, ќе се зачудат за тебе, ти ќе станеш за ужас и нема да те има повеќе” (Езекија 28, 19)[4] “Што има праведноста со безаконието, или каква е заедницата помеѓу светлината и темнината?(2 Кор. 6, 14). Што имаат ангелите со демоните? Од наведените стихови јасно е дека демоните веќе не можат да бидат заедно со англите. Исфрлениот сатана, единствео што сака после падот, е да Му напакости на Бога. Затоа тој во вид на змија Адама и Ева ги наведува на пад (Бит. 3, 45).

Во Отк.12,9 е опишано исфрлањето на сатанатa и неговите ангели. Меѓутоа, тоа не е едиствен пат кога сатаната е поразен! Првиот пат бил исфрлен како ангел и станал сатана. Со доаѓањето на Господ Исус Христос, со Неговите спасителни страдања и победоносно воскресение, сатаната е повторно поразен. Господ со самото Свое доаѓање во овој свет е суд за овој свет, а исто така и за кнезот на овој свет[5]. Сега е судот на овој свет, сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор и кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе“ (Јн. 12, 31-31). Страдањето на крстот направило сите оние кои ќе бидат привлечени од Христа да не бидат веќе под власта на сатаната, гревот и смртта. Затоа апостол Павле вели: Победата ја проголта смртта. Смрт, каде ти е осилката? Пеколу каде ти е победата?”(1 Kор. 15.54-55). Подигнувањето за кое Господ говори е подогнувањето на крстот, а тоа и самото Свето Писмо во продолжение го потврдува: А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре”(Јов.12.33)[6].

Така и Отк.12, 10 треба да се разбере како опис на победата Господова над сатаната, со крстот и страдањата, кои на луѓето им донеле “спасение и сила и Царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, а за тоа и ангелите се радувале: “Бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши” (Јн. 12, 10), а браќа на ангелите се луѓето. Царството Небесно нам ни се приближи и се всели во времето со Христовото  доаѓање. Он рече “Царството Божјо е во вас внатре(Лука.17,21)[7]. Значи, ние уште во овој живот можеме да го предвкусиме Царството Небесно преку Христа. Затоа е бесмислено да се помисли дека “спасението и силата и Царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христосво Царството Божјо настапиле со исфрлање на сатаната од небесната хиерархија на ангелите. Потребно ли е спасение на Царството Божјо? Како демек сатаната можел да го загрози Царството Небесно и власта Христова. Имено, он е διαβολος –клеветник, и клеветата му е едиствено оружје против Бога. Тој се обиде на Адам и Ева да им го прикаже Бог како завидливец (Битие 3, 45), како што својот бес и омраза го истура на оние кои му се подложни преку гревот – на луѓето.

Бидејќи не е потребно егзекетски да го анализираме и Отк. 19, 11-16, доволно е овој стих да го споредиме со Отк. 12, 7-12. Во првиот стих е прикажан Господ кој ја предводи ангелската војска за да ú суди на сета творевина, во денот Господов”, на крајот на времињата. Како што гледаме, не се работи само за доаѓање заради исфрлање на сатаната (он е веќе исфрлен), туку поради суд на целиот свет. И во овој случај Јеховините сведоци со погрешно констектуално спојување доаѓаат до исто така погрешни заклучоци.

Кој е Архангел Михаил?

“Интересно е што изразот „архангел“ во Библијат никогаш не се наоѓа во множина, што укажува дека постои само еден!”[8] велат во продолжение Јеховините сведоци. Aко овде го додадеме и нивното учењето дека Исус Христос е “втора најголема личност во вселената”[9], добиваме потполна слика за вашето учење. Имено, постои еден архангел и тоа е Михаил и тој ја предводи небесната војска, а бидејќи и Исус Христос исто тaка ја предводи небесна војска, логично е да се заклучи дека Исус и Михаил се една иста личност. Според тоа, Михаил е “вторaта најголема личност во вселената”. Или, како на крајот од текстот[10], заклучуваат: “Значи, доказите укажуваат дека Синот Божји бил познат како Михаил пред да дојде на земјата…”

Меѓутоа, да погледнеме што вели пророкот Даниел за архангелот Михаил: ”а тоа е Михаил, еден од првите кнезови, дојде да ми помогне” (Дан. 10, 13). Гледаме дека пророкот не го нарекува Михаил ниту најголем, ниту единствен, ниту прв, туку еден од првите. Ако толкувањето на Јеховините сведоци е правилно, тогаш пророкот за Михаил, како Син Божји, би требал да каже дека е единствен кнез (Јеховините сведоци во дефиницијата на стр. 142 велат: “Единствен син…”) или дека е втор најголем (деф. на стр. 142.: ”…втора најголема личност во вселената”). Меѓутоа, архнагел Михаил е наречен „еден од првите“ или еден од рамните на себе кнезови. Заради ова, заклучокот дека Исус Христос е архангел Михаил е плод на произволно толкување на Светото Писмо, како и нарушување на самото учење на Светото Писмо.

Освен тоа, Јеховионите сведоци на крајот од текстот[11] велат: ”Значи, доказите укажуваат дека Синот Божји бил познат како Михаил пред да дојде на земјата, а по тоа име е познат и по враќањето на небото…” Каде во Светото Писмо стои дека Господ е познат под името архангел Михаил „по враќањето на небото“? Никаде!

Кои  се ангелите?

Иако смтетате дека апостолот Павле во Кол. 1, 16 зборува за земната власт, верувале или не, станува збор за небесната хиерархија, која, значи, ја делиме на следниве чинови: серафими (Ис. 6, 2; 6, 6), херувими (Езекија 10, 1 и понатаму),а рхангели, ангели, престоли, началства и власти[12]. Значи, архангел е само англески чин, така што Михаил како битие е ангел.

Што вели Светото Писмо за одност на Господ Исус Христос и ангелите? Апостол Павле пишува: „Бидејќи преку Него е создадено сé што е на небесата[13] и што е на земјата, видливо и невидливо, било престоли, било господства, било началства, било власти – сé е преку Него и за Него создадено. Тој е пред сé и сé во Него стои.“ (Кол. 1, 16-17). Значи, Господ не е само што не е ангел, туку е нивен Создател. Апостолот Павле понатаму ни сведочи: „И стана толку погорен од ангелите, во колку пославно име од нив наследи“ (Евр. 1, 4). И тука гледаме дека Господ е поголем од ангелите: “Зашто кому од ангелите му рекол некогаш: Ти си Син Мој, Јас Те родив денес, и пак: Јас ќе му бидам Татко, а Он ќе ми биде Син?(Евр. 1, 5). Никој од ангелите не е наречен Син Божји, затоа погрешно е да се поистоветува архангел Михаил со Синот Божји. При влегувањето во вселената[14], Бог за Синот говори: „И нека Му се поклонат сите ангели Божји“ (Евр. 1, 6), а тоа се случува и за време раѓањето на Спасителот како Човек (Лука. 2, 13-14). Уште на едно место апостол Павле покажува колку е достоинството Господово над ангелското: ”а на кого од ангелите Бог некогаш му рекол седи од Мојата десна страна, дури непријателите Твои не ги ставам во подножјето на нозете Твои(Ев. 1, 13).

Заради сето наведено, потполно е погрешно учењето дека Господ Исус Христос е архангел Михаил, за што сум сигурен дека и самиот дојдовте до истиот заклучок.

ЗАБЕЛЕШКИ:

  1. Ова учење е дадено во книгата “Расправа на основа на Писмото” стр. 151, под наслов Дали Исус Христoс е иста личност како и Архангел Михаил.
  2. Егзегеза (гр. εξηγησις – толкување, објаснување): метод на толкување на Светото Писмо.
  3. Спореди Јоил 2, 28-32.
  4. Тука како за симбол на сатаната се зборува за царот на Тир.
  5.  Под поимот овој свет треба, пред сé, да се разбере гревот и злото, бидејќи над нив има сатаната власт. Сатаната нема власт над она што не е од овој свет.
  6. Јеховините сведоци некои од овие стихови ги користат за да поткрепат други учења, кои ги засноваат на сопствените толкувања на наведените стихови.
  7. Според толкувањето на Јеховините сведоци, овој стих не треба да се сфати буквално, туку зборовите „внатре е во вас“ треба да се сфатат како „меѓу вас е“ т.е. не во луѓето, туку меѓу нив, бидејќи Господ, обраќајќи им се на фарисеите, сигурно не мислел дека Царството Небесно е меѓу нив. – Што е Царството Небесно? Тоа не е некое место одредено со време и простор, тоа всушност е заедница, обитавање со Бога, а каде што е Бог, тамо е и Неговото Царство. Значи, нашето влегување во Царството Небесно не е одредено со време и простор, туку со настојување на срцето, односно дали сме со Бога или не. Така, уште во овој свет можеме да го имаме претвкусот на Царството Небесно.
  8. Расправа на основа на Писмото, стр. 151
  9. Исто стр. 151
  10. Исто стр. 142
  11. Исто стр. 151.
  12. Според вашето сфаќање, Господ Исус Христор значи дошол да ги потчини овоземните владетели и да ги победи, бидејќи се под сатанско влијание, додека од друга страна апостол Павле вели дека ние не војуваме против крвта и телото, туку против поглаварствата, и властите, и господарите на темнината на овој свет, против поднебесниот дух на злобата (Еф. 6,12). Така, според вас, додека ние водиме битка против самите демони, Господ ќе води битка против луѓето. Вашето сфаќање на чиновите во Кол. 1, 16 како земна власт не е правилно, а со самото тоа, сите учења кои ги темелите на ова сфаќање, паѓаат во вода.
  13. Под стварање на небесата треба да се подразбира стварање на ангелите.
  14. Овде се зборува за воплотувањето на Синот Божји, а не за Неговото раѓање од Отецот.
This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, Ислам, Исус Христос, Исус Христос, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Протестантизам. Bookmark the permalink.