Алфа и Омега – Писмо бр. 6 до Јеховин сведок

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Откривајќи ја вистината за иднината на Христовиот народ, на Црквата и за крајот на времињата, Господ на апостолот и пророкот му открива уште една вистина за Себе: „Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај – вели Господ, Кој е, Кој беше, и Кој иде, Седржителот“ (Отк. 1,8). Со називот „прв и последен“ Господ Бог му се откри на пророкот Исаија: “Јас, Господ, Јас сум првиот, и меѓу последните – Јас сум истиот” (Ис. 41.4); “Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог” (Ис. 44,6); Јас сум првиот и Јас последниот” (Ис, 48,12). Да погледаме за кого Светото Писмо говори на ист начин: Јас сум Првиот и Последниот и Живиот. Бев мртов, и ете, жув сум за сите векови. Амин! И ги имам клучевите од адот и смртта” (Отк. 1: 17-18). Иако од самиот контекст на опишаната случка се гледа дека станува збор за Господ Исус Христос, тоа  е јасно и од зборовите: Бев мртов, и ете, жув сум”, бидејќи Господ умре и воскресна. На ист начин апостол Јован во Откровението вели: така вели Првиот и Последниот, Кој беше мртов и еве оживе” (Отк. 2,8). Но, да погледнеме сега како Господ зборува за Себе: Потоа ми рече се сврши! Јас сум Алфа и Омега, почеток и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум. Кој победува, ќе наследи сé и ќе Му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син” (Отк. 21: 6). Овде Господ Исус Христос користи потполно исти називи за Себе, кои ги користи и Бог, а покрај тоа, Самиот за Себе вели: „и ќе му бидам Бог“. Во последната глава од Откровението, Господ вели: И еве, ќе дојдам скоро, и отплата Моја и со Мене, за да му дадам на секого според делата негови. Јас сум Алфа и Омега, Почеток и Свршеток, Првиот и Последниот!” (Отк. 22, 12-13). Во текстот „Алфа и омега: кому оваа титула припаѓа со право?“[1], Јеховините сведоци велат:

1. во Откр. 1:8 се зборува дека Бог е носител на титулата алфа и омега.

2. наведуваат да го погледнеме Нов Свет преводот од 1984 год. во врска со вметнувањата на имиња на Јехова.

3. Откровение 21: 6,7 упатува дека христијаните кои се духовни победници ќе бидат „синови“ на Оној кој е познат како алфа и омега. Тоа никогаш не е речено за односот на помазаните со дух христијани и Исус Христос. Исус за нив зборувал како за Свои „браќа“ (Ев. 2:11; Мат. 12:50; 25:40).

4. Во Откр. 22:12, ТЕВ (еден од преводите на Светото Писмо) го вметнува името на Исус за да изгледа дека укажувањето на алфа и омега во 13. стих се применува на Него итн.

5. Во Откр. 22:13 за алфа и омега исто така се вели дека е „прв и последен“, а тој израз се применува на Исус во Откровението 1: 17, 18. Слично на тоа, изразот „апостол“ се применува и на Исус Христос и на некои од Неговите следбеници. Но, зарем тоа докажува дека тие се иста личност или дека се на иста позиција? (Ев. 3: 1). Доказите, значи, водат заклучок дека насловот „алфа и омега“ е применет на Семоќниот Бог Отец, а не на Синот.

Да разгледаме колку се соодветни овие заклучоци. Бидејќи забелешката бр. 1 само констатира што се наоѓа во наведениот стих, а забелешката бр. 2 дава упатство кое за нашето разгледување е небитно, веднаш ќе прејдеме на забелешката бр. 3:

Јеховините сведоци го свртуваат вниманието од стихот 6 (кој и не го разгледуваат) на она што е речено во седмиот стих. Од самиот контекст на 6. стих гледаме дека станува збор за Господ Исус Христос. Имено, зборовите: Се сврши! (Откр. 21: 6) се зборовите кои Господ ги изрекол страдајќи на крстот: А кога вкуси Исус оцет, рече: “Се сврши!(Јн. 19: 30). Како што со Христовата смрт на крстот дошло крај на стариот човек и човештво, а со Неговото воскресение човекот станува во Христа нов човек, така и светот веќе никогаш нема да биде ист, бидејќи светлината на Евангелието засекогаш ќе ги осветлува сите оние кои ќе Го прифатат Господа и кои во Него наоѓаат засолниште. Со зборовите: „Се сврши!“ е запечатено искупувањето на светот. Исто така, влегувањето на светот во вечен живот, во вечниот Ерусалим, во Царството небесно, означено е со зборовите: „Се сврши!“ (Откр. 21: 6). Со тоа, од времето на страдање се влегува во вечното блаженство. Со тие зборови Господ символично го означува крајот на судот над сатаната и смртта, крајот на тиранијата на човечките и Божјите непријатели.

Господ во 6. стих 21. глава од Откровението вели: На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум(Отк. 21: 6). Овде, исто така, Господ ги повторува истите зборови што ги рекол во разговорот со Самарјанката: Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај Ми да пијам’ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива(Јн. 4: 10) и: „Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас нема да ожедни, таа во него ќе стане извор на вода, што тече во живот вечен” (Јн. 4: 14). Знаеме дека под „жива вода“ Светото Писмо ја подразбира благодатта на Светиот Дух, која го преобразува човекот и го воведува во вистината и вечниот живот. Благодатта за која Господ ú говори на Самарјанката, му ја открива на човекот вистината на Евангелието, а тоа е истата благодат која изобилно ќе биде дадена во Царството Небесно: И ми се покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекуваше од престолот на Бога и на Агнецот(Отк. 22, 1). Покрај тоа, од контекстот на 21. глава од Откровението гледаме дека Оној за кој се вели дека е „алфа и омега, почеток и свршеток“ е всушност Господ Исус Христос. На пр. во 5 стих стои: И Седнатиот на престолот рече: Ете, сé ново создавам” (Окт. 21, 5). Кој прави сé ново? Светото Писмо вели дека тоа е Господ Исус Христос: И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; сте, се стана ново(2 Кор. 5: 17); Зашто ниту обрезанието е нешто, ниту необрезанието, туку новото создание(Гал. 6: 15). Имајќи го ова во предвид, апостол Јован и не прецизира, наведувајќи имиња, за кого говори во Откр. 21: 6 како за „алфа и омега, почеток и свршеток“.

Од четвртата глава гледаме дека на престолот, кој го гледа апостол Јован во визија, седи Бог. Да погледаме што стои во Откр. 4: 9: “А кога животните Му воздаваа слава, чест и благодарност на Седнатиот на престолот,на Живиот во веки веков”. Така стои и во наредниот стих: “…Му се поклонуваа на Живиот во сите векови…” (Отк. 4: 10).

А сега да погледнеме што вели Господ Исус Христос за Себе: “Бев мртов, и ете, жув сум за сите векови…” (Отк. 1, 18). Значи, пак имаме случај кога Господ Себеси се нарекува онака како што е наречен Бог. Може ли некој кој нé поучувал и поучува за најголемата и апсолутна вистина, кој самиот е вистина, да ги зема истите оние називи со кои се нарекува Бог и да ги применува во потполно идентичен контекст, како што се применети кога Светото Писмо говори за Бога, ако он самиот не е Бог?

Да разгледаме дел од забелешките на Јеховините сведоци дека Господ никогаш за христијаните не зборувал како за синови, туку само како за браќа. За да нé спаси, Господ станува еден од нас, подобен на нас во сé, освен во гревот (Евр. 2:12-18), затоа Он е наш брат по тело, но и сите оние кои ја вршат волјата Божја ги нарекува, исто така, Свои браќа. Меѓутоа, Он е наречен и вечен Отец во Исаија 9:6. Како што Авраам е татко на сите правоверни (Рим. 4:12, 16), така и Господ е отец на сите оние кои победиле, кои го износиле својот крст до крајот. Како што Авраам бил родоначалник на правоверните, така и Христос е родоначалник на спасените. Така ни ова место во 21. глава од Откровението не е спорно, ниту негира дека во овие стихови (5, 6 и 7) се зборува за Господ Исус Христос. Зошто Јеховините сведоци овде не го цитираат Ис. 9:6, мислам дека не е потребно да се објаснува.

Во забелешката бр. 4. Јеховините сведоци велат дека еден превод (ТЕВ) во Откр. 22:12 го вметнува името на Исус за да изгледа дека укажувањето на алфа и омега во 13. стих се применува на Него. Дали е потребно вметнување на името Исус за да заклучиме дека наведените стихови зборуваат за Господа? Не! Од самиот контекст јасно е за кого станува збор. Да погледнеме за кого говори 12. стих: И еве, ќе дојдам скоро, и отплата Моја и со Мене, за да му дадам на секого според делата негови”. За чие доаѓање зборува Откровението? Кој треба наскоро да дојде да му даде на светот според неговите дела? Знаеме дека во Светото Писмо, една од најзначајните и најклучните вистини, е второто Христово доаѓање, кое засекогаш ќе стави крај на робувањето на гревот, ѓаволот и смртта, како и дека тоа доаѓање само по себе претставува почеток на судот над светот. Еве како тоа го кажува апостол Павле: „зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло” (2. Кор. 5: 10). Најјасно за тоа зборува Самиот Господ: А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се доберат пре Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите” (Мт. 25: 31, 32).

Зошто Јеховинтие сведоци упорно избегнуваат да признаат дека во 13. стих се зборува за Господа, и дека, воопшто, Откровението го нарекува Господа „алфа и омега“? Ќе ви одговорам зошто: заради стихот кој вели: Јас сум Алфа и Омега, говори Господ Бог… Седржител“ (Отк. 1: 8: курзивот е наш). Кога би прифатиле дека Светото Писмо и за Господа Исуса Христа вели дека е „алфа и омега“, би морале да прифатите и дека Господ е Седржител, што се коси со вашето учење. Но, во суштина, самиот пристап на овој проблем од страна на Јеховините сведоци е апсурден. Тоа произлегува од смислата која го има називот „алфа и омега“. Што тој значи? Бог за себе вели дека е алфа и омега за да покаже дека со Него сé почнува и завршува, бидејќи како што знаеме, α е прва, а ω е последна буква од грчката азбука. Кога Светото Писмо вели „алфа и омега“, тогаш се подразбира дека станува збор за почеток и крај. Називот „алфа и омега“ е користен како метафора за почеток и крај. Поради тоа, бесмислено и беспредметно е да се прави разлика меѓу називот „алфа и омега“ и називот „прв и последен“ или „почеток и свршеток“, бидејќи со сите овие називи Бог ја изразува својата апсолутност над созданието, како и тоа дека Тој е негова причина и дека со Него и ќе заврши, но не постоењето, туку дека ќе премине во вечно обитавање во Бога.

Набројувањето на називите во Откр. 22:13: „Јас сум алфа и омега, прв и последен, почеток и свршеток“ има за цел да ја нагласи апсолутноста на Бога и зависноста на сé што постои од Неговата волја, бидејќи сите три називи се синоними. Патем, Јеховините сведоци не ни наведуваат зошто би требале да правиме разлика меѓу овие називи. Нивниот заклучок е базиран на нивното учење за Господа Исуса Христа, а не на факти од Светото Писмо! За да ја избегнат можноста и Господ Исус Христос да биде наречен Седржител, прават разлика меѓу називите, кои всушност се синоними, а тоа е апсурдно[2].

Да ја анализираме и последната забелешка на Јеховините сведоци под број 5. Бидејќи Откровението го нарекува Господа Исуса Христа „прв и последен“, а исто така и Бога, Јеховините сведоци се обидуваат да ни докажат дека тој назив е применет на ист начин токму како што Светото Писмо за Господа вели дека е „апостол“ (Ев. 3: 1). Меѓутоа, меѓу овие два случаја постои огромна разлика. Грчкиот збор апостол значи пратеник.

Така Господ е наречен апостол, но Неговото апостолство сепак е од друг карактер. Имено, Господ покрај проповедите и делата што ги направил, пред сé, дошол заради спасение и искупување на човечкиот род. Апостолите проповедале со зборови, дела и со своите животи, но гледаме дека постоела разлика во пратеништвото на Господа и пратеништвото на апостолите. Господ вели: „како што Отецот Ме прати Мене, така и Јас ве праќам вас“ (Јн. 20: 21). Апостолството, всушност, е функција или поточно служба. Бидејќи Господ е пратен од Отецот, Го нарекуваме и апостол (Ев. 3:1). Апостол, значи, можеме да го наречеме секој кој има (функција на) пратеништво, иако се врежало дека кога се вели „апостол“, пред сé, мислиме на дванаесетте апостоли, чие значење за ширењето на Евангелието е непроценливо. Апостол е општ поим кој, само заради извонредното значење на дванаесетмината апостоли, добил и свое посебно значење.

Сосем друга смисла имаме во случајот на називот „прв и последен“. Како што веќе нагласивме, кога зборуваме за Бога, секоаш треба да ја имаме на ум Неговата апсолутност. Така, кога за Бога велиме дека е Љубов, знаеме дека Он е – апсолутна љубов, љубов која не е само особина, туку Самиот Он. Кога за Бога велиме дека е Добар или дека е Вистина, знаеме дека сите тие атрибути единствено во Бога имаат апсолутност. Некој може да рече за себе дека е љубов, па дури и навистина да поседува христијански идеална љубов, но за таквиот не може да се каже дека е Љубов. Зошто? Затоа што човекот никогаш не може да достигне толкава висина и чистота во добродетелите, за тие добродетели да станат самиот тој, никогаш созданиета не може да ги поседува атрибутите кои исклучиво Му припаѓаат на Бога. Така за човекот, или дури и за ангелот, можеме да речеме дека е добар, но таа добрина ниту кај едниот ниту кај другиот не е апсолутна. Таа е апсолутна единствено во Бога.

Кога Светото Писмо Го нарекува Бога „алфа и омега“, „прв и последен“, „почеток и свршеток“, тогаш со тоа ја истакнува Неговата божествена апсолутност, потполна различност од созданието. Со тоа Светото Писмо укажува дека Бог е причина на сé и дека без Него нема ништо што би можело да постои, како и тоа дека со Неговиот суд завршува сé. Значи, називите кои ги употребува св. Јован Евангелист во Откровението се метафора за атрибутот на божествената апсолутност, за нешто што е во апсолутна инстанца исклучиво божествена особина.

Симптоматично е тоа што во оваа забелешка Јеховините сведоци не ги наведуваат стиховите од Светото Писмо во кои Бог Себеси се нарекува „прв и последен“: „Јас, Господ, Јас сум првиот, и меѓу последните – Јас сум истиот” (Ис. 41: 4) Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог” (Ис. 44: 6), „Јас сум првиот, Јас сум и последниот” (Ис. 48: 12). Овие стихови недвосмислено укажуваат дека називот „прв и последен“ Господ Исус Христос го применил на Себе во потполна иста смисла како и Бог, во горенаведените стихови. Господ вели: Јас сум Првиот и Последниот и Живиот. Бев мртов…” (Отк. 1: 17, 18); Така вели Првиот и Последниот, Кој беше мртов и еве оживе” (Отк. 2: 8).

Може некој за себе да рече дека е љубов, но знаеме дека апстолутна Љубов е единствено Бог; може некој за себе да рече дека е добар, но знаеме дека апсолутно Добар е единствено Бог. Слично може некој да рече дека е „прв и последен“, но знаеме дека неапсолутноста на созданието ги негира неговите зборови. Само Апсолутниот може за Себе да рече дека е „прв и последен“. Кога некој би се именувал себеси како „прв и последен“, би знаеле дека тој се обидува да присвои нешто што никогаш не може да биде, па макар тоа да го стори и најсовршениот од ангелите.

Сега да го повториме веќе поставеното прашање: Дали Господ Исус Христос, Кој не само што ја зборувал вистината, туку и Самиот е Вистина, би го присвоил називот со кој себе се нарекува Бог? „Прв и последен“ е атрибут на Бога, и затоа Господ Исус Христос, Кој е вистински и овоплотен Бог, го користи. Покрај тоа, стиховите од Откровението, кои ги анализиравме во ова писмо, недвосмислено го потврдуваат она што го говори и целокупното Свето Писмо, а тоа е дека Господ Исус Христос е Бог.

Во обид да ја тривијализираат силата на аргументите кои ги разгледавме, Јеховините сведоци вршат споредба на начинот на кој се применува називот „прв и последен“ потполно потврдувајќи ја можноста Господ Исус Христос Себеси да се нарекол со назив кој не Му припаѓа, директно доведувајќи ја во прашање вистинитоста на Сопствените зборови. Ако направиме краток осврт на веќе познатиот заклучок на Јеховините сведоци и го споредиме со наведеното, ќе откриеме уште една апсурдност. На ст. 151 од Расправање на основа на Писмото, Јеховините сведоци велат: „Дали би било соодветно Исусовиот заповеднички позив да се препише на некој кој е помал по власт? Разбирливо е, значи, дека Михаил е Исус Христос“. Јеховините сведоци заклучуваат дека не е соодветно ако Господовиот глас се опишува како глас на архангел, тој глас да се препише на некој кој е помал по власт од Господа. Значи, гласот на созданието не можеме да го препишеме на друго создание, ако второто е помало по власт. Меѓутоа, според вас, сосема е соодветно и ништо невообичаено созданието само на себе да си припишува атрибут кој го поседува исклучиво Творецот – да се нарекува со името со кое се нарекува Самиот Бог!


ЗАБЕЛЕШКИ:

  1. Расправање на основа на Писмото, стр. 400.
  2. Пак имаме случај на изречно инстирање на потполна разлика на поимите кои се синоними, додека од друга страна знаеме дека Јеховините сведоци потполно идентично ги сфаќаат поимите кои прикажуваат суштински разлики, како на пр. Единородниот син Кој е прв создаден.

Извор: Светосавље

Превод: А.А.

Поврзани:

Писмо бр. 1

Писмо бр. 2

Писмо бр. 3

Писмо бр. 4

Писмо бр. 5

Писмо бр. 6

Писмо бр. 7

Писмо бр. 8

Писмо бр. 9

Писмо бр. 10

Писмо бр. 11

Писмо бр. 12

Писмо бр. 13

Писмо бр. 14

Писмо бр. 15

Писмо бр. 16

Писмо бр. 17

Писмо бр. 18

Писмо бр. 19

Писмо бр. 20

This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, Ислам, Исус Христос, Исус Христос, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Протестантизам. Bookmark the permalink.