За историјата на христијанството – Писмо бр. 1 до Јеховин сведок

Забелешка: Ова писмо, според содржината и спорните точки, не се однесува само на Јеховините сведоци, туку воопшто на сите протестантски групации.

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Наместо вовед

За учењето на Јеховините сведоци знаев колку што знаев и за сите други псевдохристијански учења на протестантските секти. Не ме интересираа посебно, бидејќи сметав дека оној кој пристапува кон христијанското учење со најискрени пориви, набрзо мора да сфати каде е грешката во римокатоличкото, како и во протестантското учење, за што не е потребно особено богословско знаење, туку познавање на основните вистини, како и извесни факти од историјата, посебно од христијанската.

Појавата на римокатолицизмот е врзана, покрај мноштво други причини, за воведување на новитетите во изворното христијанско учење, што резултирало со одвојување на западната црква од источната, која продолжила да го пази и живее вистинското, Апостолско Христијанство. После одвојување на римската црква и појавата на римокатолицизмот во 1054 год., источната Црква, Православната, ќе остави потполно друга трага во историјата од римокатолицизмот. Неколку векови после одвојување на римската црква (XVI век), а заради појавата и тенденциите внатре во неа, кои често се коселе со елементарните христијански начела, се јавува реакција, која прераснува во реформаторско движење. Таа реакција била повеќе отпор и критика кон римокатолицизмот, отколку што била желба за вистинското Христијанство.

Не треба да се сомневаме во добронамерноста и тежнеењето на вистинското реформаторско движење, но тоа е сепак само реакција, и протестантизмот кој се појави од реформацијата, не би ни постоел да не била причината – римокатолицизмот. Протестантизмот, особено оној кој е пренесен на тлото на Америка, оди во друга крајност. За да се ослободи од неоспорната хегемонија на папската престолнина, оди во краен либерализам, кој резултира со појава на мноштво групации и организации засновани на сопственото сфаќање на христијанството, а често и на личното гледиште на поединециот, родоначалникот на некои од тие заедници. Со тоа протестантизмот ја прифаќа сопствената визија на Христијанството, која за многумина станува и критериум, со помош на кој одредуваат дали некое учење е христијанско или не. Оваа доктрина е основен столб на секое псевдохристијанско учење, бидејќи со неа учењето си дава кредибилитет самото на себе. Од таа причина, денеска постојат преку 23000 разни организации, групации и верски заедници (поточно, секти), кои претендираат на изворност и оригиналност, т.е. кои тврдат дека се единствено вистинско Христијанство. Така имаме цел спектар на разни учења, од оние кои се блиску до изворот (римокатолицизмот) и кои претставуваат официјални протестантски струи (лутеранство, англиканство…), до оние кои во суштина се прав конгломерат на различни учења, често со примеси спротивни на христијанството (мормони), морбидни доктрини (на пр., Давидовите адвентисти на седмиот ден – Лоза на давидијанци). За среќа, овие последниве се малкубројни по членство. Покрај тоа, протестантските учења често завршуваат во скептицизам и агностицизам, што покажува дека за основа имаат само шпекулација и студен разум.

II

Со учењето на Јеховините сведоци дојдов во допир поради некои околности, имено во случајна средба со една пријателка дознав дека нејзината мајка станала припадничка на Јеховините сведоци. После извесно време таа пријателка стана моја сопруга. Разговорот за верата со нејзината мајка стана неизбежен, па морав да го запознам нивното учење во основните потези. Очекувајќи дека ќе се сретнам со некаков богословски систем, размислував во таа насока. Меѓутоа, секој богословски дијалог изостана, а со читање на литературата на Јеховините сведоци, моето првобитно чудење прерасна во шок. Имав впечаток дека се наоѓам во лавиринт на искривени огледала. Учењето на Јеховините сведоци наликуваше на рефлексија во криво огледало. Христијанската вистина наизглед беше тука, но искривена и деформирана. Вистинската опасност е токму во полувистините. Можев да разберам човек да згреши или да падне во заблуда, но да се одрече од логиката, тоа ми беше неприфатливо. Не станува збор за високо умување, за логика која истражува некои тешки области, туку за елементарна логика со која секојдневно го спознаваме светот околу себе. За анализа на учењето на оваа секта не е потребно богословие, туку, пред сé, логично размислување.

Јеховините сведоци не се стеснуваат и најјасните факти или историски податоци да ги претстават на искривен начин, прекројувајќи ги и прилагодувајќи ги на сопствените цели. Тоа можеби не би било толку страшно, освен за самите членови на сектата, ако полувистините и невистините директно не ги навердуваат оние кои не се Јеховини сведоци.

Читајќи ја литературата на Јеховините сведоци, јас само препознавав и укажував на контрадикторности, полувистини, па дури и отворени невистини и манипулации, не мислејќи, притоа, да изнесам нешто свое. Ако еден Јеховин сведок не сака да биде православен, никој не го присилува на тоа (сочувај Боже – верата и љубовта подразбираат слобода), но тогаш мора да се признае дека Јеховиниот сведок е заблуден. Дека ги проголтал свесно, заради некоја цел и интерес, сервираните лаги, извртувањето на историјата на Хрстијанството, која е корегирана на таков начин што да обезбеди веродостојност на нивната наука. На пример: им треба 607 год. пред Христа за да ја вметнат 1914 година како година на Христовата парусија (невидлива присутност), па тегни-влечи, ја прогласија за година кога израилската нација ја изгубила сувереноста, бидејќи, сметаат, кој ќе го провери тоа? Станува збор за далечно минато, каде секаква манипулација е возможна! А ти кога ќе видиш како сé совршено се сложува, како два и два четири, и не мислиш веќе на 607 год. како на позајмена и непостоечка година. А за тоа се смета и : прво, на твоето незнаење; и второт, на твојата доверба т.е. лековерност. За ова ќе стане збор, но сакам да кажам: биди Јеховин сведок, но признај дека си заблуден, излажан, дека веруваш и се согласуваш на лага, покрај очигледните докази; се обвиткуваш во сопствената извртена логика. Но, ако не сакаш да ја признаеш заблудата, тогаш мораш, сакал или не, да се одречеш од разумот. Зошто е тоа така, ќе дознаеш од писмата кои следат, а кои ги посветувам на секој заблуден Јеховин сведок. Ве молам да ги прочитате овие писма, бидејќи тие се пратени на адреса на сите Јеховини сведоци и останати псведохристијани.

Ако ви е забрането да читате исповеди на поранешни членови, ги прескокнувате првите стотици страници, но ако ви е забрането да ги читате сопствените писма, тогаш тоа е највулгарното и најниското мешање во интимата на секоја личност, против што, се надевам, храбро ќе станете! А овие се писмата упатени на вашата адреса. Читајте ги како да се само за вас пишувани!

III

За настанокот и историјата на организацијата на Јеховините сведоци нема да зборуваме хронолошки, бидејќи има доволно литература која ни дава информации за тоа. Да го разгледаме настанокот на организацијата на освнова на податоците кои ни ги даваат самите Јеховини сведоци, но со критички осврт, кои ќе бидат и појдовна точка на нашето истражување.

Во книгата „Човештвото во потрага по Бога“[1] на стр. 350, под наслов „Момчето во потрага по Бога“, даден е краток приказ на животот на Чарлс Тејз Расел, основач на друштвото, кое ќе биде основа за создавање на организацијата на Јеховините сведоци: Zion’s Watch Tower society. Овој текст говори дека во „1870 год. многу побожното момче Charles Taze Russell (1852-1916) почнало да поставува бројни прашања за традиционалните учења на христијанските цркви. Бил презбетеријанец, а подоцна конгрегационалист. Меѓутоа, го збунувале учењата за предодреденоста[2]  и вечното мачење во пеколот.“

Во продолжеток се наведува како почнал да ја проучува Библијата: „Уште како постар тинејџер, Расел, заедно со други момчиња, формирал група, која секоја недела се состанувала заради проучување на Библијата. Таа група почнала да анализира разни библиски учења, како што е бесмртноста на душата, Христовата откупна жртва и Неговото второ доаѓање. Во 1877 год., кога бил 25 годишен, Расел го продал својот дел од профитабилниот бизнис на татко му и почнал кариера на полновремен проповедник“.

Потоа се зборува за Раселовата работа и издавањето на првите примероци на  “Zion’s Watch Tower and herald of Christ’s presence“ во 1879 год, која денеска е позната како „Стражарска кула“. Текстот завршува со: „Луѓето кои му се придружиле на Расела во неговото длабинско проучување на Библијата, за јавноста станале познати како истражувачи на Библијата.“

Понатамошниот историски тек го дознаваме од насловот кој следи: „Враќање кон библиската вистина“[3], каде стои: „Прочувањето на Библијата ги навело Расела и неговите соработници да ги отфрлат самонаречените христијански учења за таинственото „пресвето тројство“, за вродената бесмртна човечка душа и за вечното мачење во пеколот. Ја отфрлиле поделбата која барала свештенството, образовано по семинариите, да се издвојува од лаиците како посебна класа. Желбата им била да се вратат на скромните почетоци на Христијанството со неговите собири кои, без помисла на плата или надокнада, ги предводат духовно ослободените старешини.“

Овде ќе застанеме и ќе ја почнеме нашата анализа. Гледаме дека Расел и неговите соработници ги отфрлиле „самонаречените христијански“ учења. Што можеме од тоа да заклучиме? Ако сите учења, кои ги отфрлиле Расел и неговите соработници, се „самонаречени христијански“, кое учење е вистинско Христијанско? Очигледно, она кое почнал да го проповеда Расел, тоа е заклучокот кој произлегува од дадениот текст. Меѓутоа, за Раселовото учење да биде вистински христијанско, мора да биде во потполност исполнет еден услов, а тоа е резултатот на Раселовите „длабински“ проучувања на Библијата да се апсолутно точно, бидејќи, како што гледаме, од тоа проучување изглегле заклучоци, кои побиваат извесни „самонаречени христијански“ учења. Значи, според Јеховините сведоци, вистинското Христијанско учење на светот му го открива Расел. Иако денешното учење на Јеховините сведоци претставува поразработен и покомплексен систем, во основа и тоа, како критериум за вистинитоста, ја има претпоставката дека Раселовите проучувања на Библијата се точни, бидејќи во спротивност не би ни имало Јеховини сведоци.

Од самиот текст забележуваме дека Расел бил сосема убеден во вистинитоста на своите заклучоци и учења. Меѓутоа, во една негова забелешка за пеколот[4], откриваме колку всушност било „длабинско“ неговото истражување. Но, темата на нашето разгледување е утврдување на веродостојноста на учењето на Јеховините сведоци. Дали Раселовиот пристап е нешто ново? Не е! Тој не е ниту прв ниту последен кој на основа на сопствените заклучоци утврдил дека само тој е проповедник на вистинското Христијанство. Да се сетиме на Џозеф Смит (1805 год.), основач на мормоните, кој исто така утврдил дека ниту една посточка организација не е вистински Христијанска; Вилијам Милер (1781 год.) основач на адвентистите во 1835 год.; Р.Г. Спарлинг, основач на Христовата духовна црква – пентакосталци; Самуил Хенрих Феликс, основач на Назарените (1823 год.); Фредрих Вилхелм Шварц, основач на Новоапостолската црква (1863 год); Мери Ен Морис Бејкер Глоувер Петерсон Еди (1821 год.) – ја основала Христијанската наука која во 1895 год. го менува називот во „Прва црква на Христовата наука“ и др.

Она што во основа е заедничко за сите наведени основачи на верски заедници и псевдохристијански учења е тоа што дошле до заклучок дека постоечките заедници не се вистински Христијански (воглавно протестантските), дека затоа треба самите да почнат со проповедање на „вистинското“ Христијанство, така што единствено нивното сфаќање на Христијанството е исправно и единствено нивното толкување на Библијата е точно. Многумина од нив тврделе дека наредбата за проповедање на „вистинската“ наука ја добиле директно од Христа.

Како што видовме, исти карактеристики има и Раселовото сфаќање и разбирање на Христијанството. Дали Расел и неговите „истражувачи на Библијата“, подоцнежни Јеховини сведоци, се проповедници на вистинското Христијанство или се само еден од мноштвата слични обиди на одвојување од јаловото тло на протестантизмот, е прашање кое ќе биде разгледано во ова истражување.

Драг пријателе,

Од личното истражување на официјалните ставови на Јеховините сведоци за ранохристијанската историја, заклучив дека вие не ја познавате таа област. За вас таа е ваква: Апостолите го ширеле Христијанството, а после нивната смрт, тоа се расипува, примајќи пагански елементи. Црквата паднала и станала легло на демек христијански учења. Обезглавениот труп на Црквата трули во приврзаноста за овој свет, а со доаѓањето на царот Константин, тоа потполно паѓа во рацете на овоземната власт, која е под директен сатански надзор. Корупцијата, хедонизмот, секуларизмот и желбата за световна моќ владеат со оние кои себеси се нарекуваат Христијани. Темнината, која владее повеќе од 1500 години, од време на време придобива по некој зрак на светлина олицетворена во поединци, кои единствено тие во историјата ја сфатиле Библијата на прав начин и единствено тие верувале исправно (меѓу тие поединци, се разбира, е и еретикот Ариј), а кои паднатата Црква ги раскинувала со нечуени прогони. Додека во 19 век во Америка зрак светлина не станала изгреј сонце во ликот на трговецот Расел и неговата организација на Јеховини сведоци! Со тоа Христијанството, прочистено и од Бога благословено, после повеќе од 1500 години, повторно излегува на историската сцена.

Простете, но ова е прилично наивно, што и самите вие го претчувствувате, само не сакате јавно да го признаете, бидејќи вистинската историја на Христијанството, која ја познава и основношколец, никако не оди во прилог на доктрините на организацијата на Јеховините сведоци. Ќе почнеме со ред, трудејќи се да не паднеме во преопширност, бидејќи темата е многу комплексна.

1) Христијанството во колевката на еврејскиот храм

Најдрагоцени и најзначајни податоци за ранохристијанската историја наоѓаме во самото Свето Писмо. „Делата апостолски“ ни кажуваат за настанокот на самата Црква, за пентакост (духовден, педесетница) и почетоците на нејзиниот живот: „И прекршувајќи леб по куќите, се хранеа со радост и со чисто срце“ (Дела 2, 46). Овде може да забележиме неколку многу значајни моменти од христијанскиот живот. Првите христијани биле Евреи, кои сметале дека со Христијанството се остварени сите надежи и ветувања за Месијата претскажан во Стариот Завет. Така ерусалимскиот храм го доживувале повеќе од свој, отколку како храм на старозаветниот јудаизам. Затоа апостол Лука вели дека „секој ден истрајно и еднодушно престојуваа во храмот“ (курзивот е наш). Преку храмот, Христијанството ја прима богослужбата која, исто така, раните христијани ја сметале повеќе своја, отколку јудејска. Но, неограничувајќи се само на храмот, поучени од Христовиот разговор со Самарјанката, ја прошируваат својата богослужба и на приватните домови. Затоа првиот облик на градење на христијански храмови е базилика, која е облик на тогашните световни куќи, со централна голема просторија.

Христијаните, исто така, „прекршувале леб“ [5] секојдневно, т.е. се причестувале, што се вршело во склоп на агапа вечера на љубовта, на која делеле заедничка трпеза. Во Светото Писмо не постои прецизен опис на тие богослужби, затоа што тие биле органски дел од Христијанството, секојдневица позната на секој поединец, за што не било потребно посебно да се пишува. Но, веќе во вториот век постојат записи за точниот поредок на Литургијата (богослужбата, грч. јавна служба) која содржела молитви, псалмопеења и химни за Христос, за што апостол Павле зборува во Ефесјаните 5, 19 и 2. Тим 2, 11-13, (каде е даден дел од химна, која подоцна станува позната како химна на Климент Александриски, а сочувана е до ден денеска).

Расцепот и дефинитивното раскрстување на Христијанството и Јудејството почнува со отворениот прогон на христијаните од страна на традиционалните Евреи, предводени од фарисеите и книжниците. Првата жртва на тој прогон е младиот архиѓакон и првомаченик Стефан, кој пострадал во 37 год. Од тогаш Црквата станува самосвесна, со посебен идентитет и призив, вселенска (симнувајќи ги традиционалните и националните окови) и со мисија на проповедање на Евангелието од крај до крај на светот. Првите чекори на Црквата во светот се запечатени со крвта на мачениците апостоли, но и многубројни чудеса кои Господ ги правел преку своите избраници.

Идејата на вашите Јеховини сведоци дека Црквата била умрена додека вие не сте се појавиле, противречи не само на христијанската наука, туку и на зборовите на Господа Исуса Христа: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на векот“ (Мт. 28, 20). Иако се шпекулира  и со оваа изјава, крвавата и маченичка историја не може да се промени, како ниту фактот дека Христос е глава на Црквата (Дела 20, 28), увенчана со крвта на мачениците и верата на верните, така што до денешни денови Црквата не е, ниту може биде без својата Глава Господ, ниту Главата е без телото Црква!

Значи, на Апостолскиот собор во 51 год. во Ерусалим, христијанската Црква раскинува со јудејскиот традиционализам и заминува во светот.

2) Почеток на прогоните и мачеништвото

Ми прочитавте дел од книгата на Јеховините сведоци „Човештвото во потрага по Бог“ (стр. 260, одел. 37) каде се говори за прогоните на христијаните од страна на Рим, но не се наведуваат имињата на постраданите. Вашиот аргумент за тоа изоставање е дека луѓето не треба да се воздигаат и обожаваат. Но, таквата изјава се коси со заповедта од Светото Писмо: „Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13, 7). Има ли подобри проповеди од страдањето за Христа? Има ли посилна вера од верата на оној кој ја потврдил со својата крв? Има ли поголема љубов од оние кои заминуваат во смрт заради Христа? Ве прашувам, зарем обожавање е учењето на таквите примери? Зарем е обожавање прославувањето на оној кого Бог го прославил?

За иронијата да биде поголема, во истата ваша книга најдов повеќе податоци за Расел, отколку за страдањата и мачениците во првите три векови, што јасно покажува кој всушност е заслужен за постоењето на Јеховините сведоци. Сепак, благодарејќи Му на Бога, сеќавањето на ранохристијанските маченици до денес е сочувано во крилото на Светата Апостолска Црква, така што ги знаеме имињата и описот на страдањата на многумина маченици. Постојат христијански дела кои говорат за страдањата, но и извештаи со процесот и судењето против христијаните, кои ги составувале нехристијани. Еден од првите такви извештаи е за страдањето на Антипа, епископ Пергамски, во 92 год. кој го спомнува апостол Јован во Откровението 2, 13.

Па, така знаеме и како пострадале апостолите: св. апостол Петар и Павле пострадале во Рим за време на Нероновото гонење (67 год.); апостол Јаков, брат Господов, убиен е уште порано од страна на Евреите (62 год); апостол Андреј е распнат на крст во Патрас (Грција); Јаков Заведев пострадал од мечот на Ирод Агрипа (44 год.); апостол Јуда пострада во Ерменија; апостол Вартоломеј го завршил својот живот, исто така, во Ерменија, така што жив бил одран; апостол Тома умрел во Индија избоден од стрели; апостол Марко маченички завршил во Египет; апостол Лука е обесен на маслиново дрво, итн…

Маченичката смрт е многу повеќе од самите проповеди, таа е потврда на христијанската вера, евангелие на дело („кој не се одрече од себе, не е достоен за Мене“).

По страдањата на апостолите, управувањето на Црквата го превземаат епископите (гр. Етиаколос, надзорник) поставени од самите апостоли. Некои од нив ни се познати од Евангелието, како на пример, Закхеј (Лк. 19, 2) кој после обраќањето го следел апостол Петар, а тој го поставил за епископ во Кесарија; Лазар, кого Господ го воскреснал после четиридневна смрт, бил епископ на Кипар; Тимотеј, по Павловата смрт, заминува во Ефес кај апостол Јован и, по неговото затварање на Патмос, станува епископ Ефешки (убиен е од страна на незнабошците, околу 93 год.); Тит бил Критјанин, воспитан во грчки дух, но слушајќи за Христа, заминува во Ерусалим каде лично Го видел Спасителот. Подоцна станува ученик на апостол Павле, кого и го погребал после пострадувањето. Од Рим се вратил на Крит, каде управувал со Црквата до крајот на животот… Споменавме само неколкумина епископи, воглавно оние кои ги споменува Светото Писмо.

После Нерона (54-68 год) и Домицијана (81-96 год), кои не го разликувале Христијанството од Јудејството, следен големиот гонител на христијаните е Трајан (98-117 год), кој и тоа како ги разликува овие две. Во негово време пострадал Игнатиј Богоносец (грч: Θεοφορος), епископ антиохиски, кој бил ученик на апостол Јован, а на антиохиското епископско место го заменил апостол Петар. Трајан пред походот на Ерменија и Персија, бил во Антиохија, каде водел разговор со Игнатиј, наговорајќи го да му се поклони и да го признае за Бог. Кога Игнатиј го одбил тоа, бил фрлен на ѕверови во Рим. Со тоа Трајан ја умилостивил божицата на Рим пред походот и ги забавувал Римјаните. Игнатиј бил осуден како „татко на сите христијани“ (така биле нарекувани епископите – Отците богохулници, т.е. христијаните) и тргнал со придружба кон Рим. Во текот на патувањето им пишувал на црквите кои се наоѓале во градовите низ кои минувал, предупредувајќи ги за ересите кои почнале да се појавуваат. Посланијата кои тогаш ги напишал се сочувани до денеска: послание до Римјаните, Ефесјаните, Магнезијците, Тралијанците, Филаделфијанците, Смирјаните и до Поликарп епископ Смирнски. Игнатиј, како и неговиот учител апостол Јован, водел жестока борба против еретиците евионитагностици (го одрекувале божеството на Господа Исус Христа) и докетите (учеле дека Господ има само привидно тело и дека со тоа страдањата биле привидни). Тема на сите посланија е: „сведочење на Христа“. Христос за Игнатиј бил „овоплотен Син Божји, вистински Бог кој се јави во вистинско тело, роден како човек со тело од света Дева Марија и Духот Свети,  кој е единствен Спасител и Искупител, Тој е вера и љубов, крст и воскресение, живот и спасение, леб и крв на вечен живот; предвечно Слово Божјо и љубов Божја, новина на бесмртноста и непропадливоста за родот човечки и сета творевина Божја…“ [6]

Бидејќи богословието за Света Троица (во посланието кон Ефесјаните 9, 12 го опишува односот на Ипостасите на Света Троица кон човекот) е многу изразено кај Игнатиј, во литературата на Јеховините сведоци нема за тоа ништо да пронајдете, без обзир на тоа што тој е ученик на апостолот Јован и пострада за верата Христова во 107 год. во римскиот колосеум, за време царувањето на Трајан.

Критикувајќи ја христијанската догма за Света Троица во брошурата „Дали треба да се верува во Тројството?“, ги цитирате доникејските отци на Црквата, кои, според вас, не верувале дека Господ Исус Христос е Бог. На стр. 7 од спомната брошура го цитирате св. Јустин Философ маченик, св. Иринеј епископ Лионски, св. Климент епископ Александриски, Тертулијан, св. Иполит епископ Римски и Ориген, но вашите цитати се сведени на само две до три реченици и ништо повеќе! Никаде нема напомена од каде се земени цитатите, ниту едно единствено дело од некој од отците не е наведено. Зошто? Прво, затоа што вашите тврдења дека доникејсите Отци не верувале во Бог во три ипостаси не е точна! Второ, нека секој Јеховин сведок се запраша: ако учат за Бога онака како учеле ранохристијанските отци на Црквата, зошто не ми се достапни делата на тие отци за проучување? Зарем „Стражарска кула“ е побитна за христијанската наука од делата на непосредните апостолски ученици и нивните ученици? Бидејќи секој Јеховин сведок, проучувајќи го делото на било кој од наведените отци, набрзо ќе сфати дека ранохристијанската наука е потполно различна од онаа која ја проповедаат, не се наведени насловите на цитираните дела. Изложувањето на богословието на секој отец посебно би зело многу простор, затоа избрав да се запознаете накратко со богословието и личноста на св. Иринеј Лионски.

Во кој дел св. Иринеј Лионски зборува дека предчовечкиот Исус егзистирал одвоено од Бога и бил подреден, не е наведено во брошурата на Јеховините сведоци, но тие така тврдат. Сочуваните дела на св. Иринеј Лионски се: Разобличување и побивање на лажното знаење (грч. Ελεγχος και ανατροπη τηςψεθδονομον γνωσεως или скратено, Против ересите), Изложување на апостолското учење (грч. Επιδειξιξι του αποστολκου κηρυλματος), како и бројни фрагменти. Познато е дека го напишал и: За знаењето (Περι εποσμημης), За монархијата или за тоа дека Бог не е творец на злото, За огдоади (За осмината) и За расколот.

Во богословието на св. Иринеј Лионски, Бог во односот кон светот е Творец, а нашето знаење за Бога доаѓа низ Логосот. Еве што тој вели во делото Против Ересите 4, 38: „Синот е мера на Отецот, затоа што Тој го содржи Отецот“, т.е. во Синот Отецот е потполн („бидејќи во него обитава сета полнота на Божеството телесно“ , Кол. 1,9 што за секој Отец и христијанин значело и значи дека Господ Исус Христос е БОГ). Во истото дело се вели: „БОГ стана човек, Господ е тој кој го спаси човекот“, како и следново: „Ако спасението не ни беше дошло од Бога, нам тоа не би ни било сигурно. Ако човекот не е соединет со Бога, човекот не би можел да стане учесник во бесмртноста…“ Во продолжение, св. Иринеј го изложува православното учење за богочовечката природа на Господа Исуса Христа (Против ересите: 3, 21; 3, 18; 4, 20; 5, 1).

Св. Иринеј се вбројува во најголемите богослови на Црквата, а особено се значајни неговите учења за Света Троица и Логосот, како средба на Бога и човекот, учењето за единството на Божјото битие (значи, дека не се три Бога, туку еден во три личности), учењето за воплотувањето, еклесиологијата (учење за Црквата), учењето за Светото Предание и Светото Писмо итн…

Свети Иринеј Лионски[7] бил ученик на Свети Поликарп Смирски (ученик на Свети апостол Јован), кој го пратил во Лион да му помогне на тогашниот епископ Потин. Кога Потин пострада во 178 год. Иринеј го замени во предводењето на лионската Црквата. Пострада маченички, заедно со илјадници свои духовни деца, во 202 год, за време на суровото гонење на Септимиј Север.

Св. Иринеј Лионски во потполност пишувал онака како што Православието и денеска учи, така што интересно би било кога вашите Јеховини сведоци би ни ги навеле поткрепено изворите за тоа кои отци од првите векови го учеле она што денес тие го исповедаат. Размислите, зарем не би било крунски доказ против, како што вие нé нарекувате „демек христијани“ и „демек христијански“ идеи и догми, токму ранохристијанската книжевност, ако во неа е изложена верата каква што вие ја нудите? Зошто не се фатите за работа и ги проучите ранохристијанските дела? Зарем денешните научници, кои ги цитирате во литературата, се поважни авторитети од оние кои христијанската наука ја слушале од апостолските ученици?

Значи, зошто во брошурата на Јеховините сведоци, за време на цитирањето на светите отци, не се наведени делата од каде се земени цитатите? Самиот ќе ви дадам одговор на ова прашање: затоа што вашето раководствено тело на вашите Јеховисти и тоа како ја знае содржината на ранохристијанските дела, кои директно го соборува нивното учење, затоа повеќе на своите следбеници им го препорачуваат читањето на „Стражарска кула“, отколку делата, на пример, на св. Иринеј Лионски, отец на сите хрситијани“ (називот со кој незнабошците ги нарекувале епископите).

3) Трети век: век на отпадништво или век на исповедништво

Што е тоа што, по кој знае кој пат во литературата на вашите Јеховини сведоци, ме згрози?

Во поправките на Светото Писмо, кое Јеховините сведоци го нарекуваат Нов Свет (NW)[8] превод, на страна 1436 стои: „во средината на третиот век од нашата ера, црквите или отстапиле од некои науки на христијанската вера или ги извриле. За да се зголеми престижот на отпадничкиот црковен систем, во црквата се примани пагани, без потреба да бидат духовно преобратени со верата, и им било допуштено да ги задржат своите пагански знаци и символи.“

Верувајте ми, на човек многу потешко му паѓа отворена лага отколку премолчувањето. Таа лага можеби и не би била толку горка да не е изречена против праведниците и страдалниците, против оние кои, трпејќи мачења и страдалничка смрт, ја докажале својата приврзаност кон Христа. Зачудувачки е со колку студенило и презир од луѓето се понижени оние кои Бог ги возвисил.

Би сакал да Ве запрашам, како и сите ваши Јеховини сведоци, дали некогаш сте се обиделе да дознаете нешто од христијанската историја од тоа време? Дали некогаш барем на еден Јеховин сведок му паднало на памет да прочита што навистина се случувало во половината на третиот век? Очигледно не, бидејќи во спротивно би се засрамил од зборовите напишани во додатокот на „Нов свет“ преводот, претходно цитиран.

Во половината на третиот век, за време владеењето на императорот Декиј Трајан (249-251.), за првпат самата држава ги гони христијаните. Кон крајот на 249 год. или почетокот на 250 год., Трајан издава едикт кој имал ужасни последици за христијаните, а со кој се наредувало гонење на христијаните низ целата империја. Поучена со примерите од поранешните гонења, власта не се трудела да врши моментални масовни колежи кои служеле само за зацврстување и ширење на Христијанството, бидејќи, според зборовите на Тертулијан, христијанската крв била семе за нови христијани. Овој пат власта се определила за долготрајни и жестоки мачења, со што сакале да ја скршат верата кај поединци и со тоа да им дадат пример на останатите. Многумина христијани скапувале по затворите непрестајно изложени на мачења. Освен тоа, било заповедано секој христијанин јавно да се одрече од Христијанството, така што би принел жртва на идолите. Иако ова гонење било краткотрајно, тоа ја оставило Црквата во рушевини. Страшните мачења многумина ги навеле посредно или непосредно да се одречат од верата, но имало и храбри поединци во своето мачеништво и исповедништво[9], како што се Фавијан епископ Римски, Вавила епископ Антиохиски, Александар епископ Ерусалимски и многумина други познати и непознати. Дали тие стотици илјади маченици и пострадани се тој „отпаднички црковен систем“ за кој говорат Јеховините сведоци? Кои се тие отпадници и што промениле или изопачиле, и од што христијанско отстапиле? Христијанската историја на тоа време е позната, зошто тогаш, по име не ни кажат кои се тие отпадници, туку генерализираат, велејќи Црква? Која Црква? Црквата може да биде и е една единствена, апостолска, од настанокот до денес, запечатена со крвта на мачениците!

Во споменатото гонење имало отпадништво на поединци, но не е Црквата таа која отпаднала од христијанската наука и се вдомила во овоземното царство, како што сакате да прикажете. Многумина отпаднале од Црквата, затоа што не можеле да ги издржат прогоните! Св. Кипријан епископ Картагински, столб на христијанската вера од тоа време, вака пишува за тоа: „Имаше такви кои не чекаа повик за да се качат на капитолот, ниту закана за да се одречат… Самите трчале во форумот, брзале во прегратката на смртта, како веќе одамна тоа да го сакаа… и врв на злочинот! Родителите ги влечеа децата во најраната возраст да го изгубат она што го добиле на прагот на животот“ (Кипријанови писма). Дали св. Кипријан е тој отпад, за кој говорат Јеховините сведоци? Христијаните, кои биле послаби во верата, принесувале жртви на идолите за да го спасат голиот живот и со тоа се одрекувале од Христа, но прогонот го поднесувале оние кои биле посилни и поутврдени во верата. И токму за тој период, Јеховините сведоци ни кажуваат дека Црквата го „губела престижит“ и примала во своите редови незнабошци кои, млаки и за своето идолопоклоништво, го прифаќале Христијанството менувајќи го по своја мера, расипувајќи го! Каква гнасна лага!!! Па, замислите како, заради прогонствата, од Црквата отпаѓаат оние кои биле христијани, додека во вртлогот на мачењето, во Црквата стапуваат некои незнабошци, кои синкретистички го прифатиле сето она што им се допаѓа, меѓу останатото и „паднатото христијанство“, заради кое би се довеле во опасност да бидат и самите убиени со меч. Бесмисленост и лага!

Жалосно е со колку самоувереност бруклинската кујна се потпира на незнаењето на своите следбеници, не срамејќи се ниту од крвта на мачениците кои после 1500 години повторно се наклеветени и прогонети! [10]

4) Цар Константин

Она што вистински поразува во литературата на Јеховините сведоци е односнот кон цар Константин. Не постои книга од оваа организација која говори за воопштени теми, а во истата да не се изнесат мноштво „докази“ против Константин. Тој за нив е многубожец, паганин, кој не го сфатил Христијанството, та го искривил и фрлил во овосветските замки.

Што и да бил цар Константин, треба да знаете еден факт: тој е оној кој го сопрел тривековното бесмислено проливање невина крв на христијаните. Презирајќи го токму Константина, Јеховините сведоци ја презираат невината крв на мачениците. Од своите удобни простории на бруклинската централа делат шлаканици на страдалниците кои Константин ги спасил од понатамошните прогони и мачења. Од друга страна, не се воздржуваат да го цитираат цар Јулијан (361-363), (кај Јеховистите – Јулиј)[11], Константиновиот внук, кој во сеќавањето на Црквата останал познат како Апостат т.е. Отстапник. Списот „Против христијаните“ на овој злосреќен цар, Јеховините сведоци го користат како добар аргумент за потврдување на своите хипотези и наводни вистини без „демек христијански“ примеси т.е. без она што Црквата го проповедала од својот настанок. Тоа е лицемерно колку што би било лицемерно да се напише дело под називот „Поуки на Анте Павелич кон Србите за милосрдието“ (спореди: Поуки на Хитлер кон Евреите за милосрдието), бидејќи Јулијан бил суров прогонител на христијаните. За Јеховините сведоци не е битно со кој ќе се најдат во друштво, битно е само тој некој со презир да гледа на Црквата[12].

За поголемиот број критичари на цар Константин, неговото крштевање пред крајот на животот говори за неговата млакост и рамнодушност кон Христијанството. Како по правило, сите губат од вид дека во времето на цар Константин имало далеку повеќе многубошци, отколку христијани. Ако Константин отворено се декларирал како христијанин, брзо би бил соборен, а со самото тоа би почнало и гонењето на Црквата (затоа од симпатии кон Христијанството Константин ја преместил престолнината во Константинопол). Изгледа од денешна перспектива полесно е да се осудува, отколку да се оправда.

Додека Константин бил еден од првите иницијатори за создавање на новозаветен Канон, Јулијан ја презирал не само новозаветната наука, туку и Стариот Завет го сметал само како еврејска митологија. Константин подигал храмови низ неговото царство посветени на Единиот Вистински Бог, а Јулијан – многубожечки идолопоклоништа, во кои и самиот принесувал жртви. Константин умрел како христијанин, крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, а Јулијан како многубожец, кој со обредот наречен тавроболија го „измил“ крштението од себе, одрекувајќи се од Христа! Овие се само неколку разлики меѓу овие два цара. Но, никој не сака да тврди, спротивно на вистината, дека цар Константин немал погрешни потези, понекогаш и крупни, што не е за чудење, но ниту еден историски период не може да се разгледува во генерално црно-бело светло. Она што нас нé интересира е дали, како што тврдат Јеховините сведоци, со доаѓањето на царот Константин на власт, Христијанството потполно паднало и го апсорбирало паганството? За одговор на ова прашање, треба да се знае само еден факт, а тоа е дека Миланскиот едикт[13], како што многумина сметаат, не му давал поголеми права на Христијанството, туку само слобода на вероисповед, со што е спречен дотогашниот прогон на Црквата. Според Јеховините сведоци, Константиновата улога е во создавање на декадентно христијанство, но тоа не е точно, бидејќи непосредно пред Константиновото доаѓање на власт, низ царството беснеело Диоклецијановото свирепо гонење, кое влијаело на зацврстувањето на Црквата во верата. Така што, тешко можел еден човек, макар било тоа и самиот цар, прекалената Црква да ја фрли по сруши.


ЗАБЕЛЕШКИ:

  1. Watch tower bible and tract society of New York, INC 1995, Croatian.
  2. Учењето за предодреденоста (предестинација) е типично протестантско што укажува дека Расел дури не ни проверил дали римокатолицизмот има слично учење.
  3. Исто стр. 353.
  4. Исто стр. 350.
  5. Ранохристијанските списи јасно ја разликуваат вечерата на љубовта – агапа од прекршувањето на лебот – евхаристија.
  6. Дела на апостолските ученици, 1999., стр. 66, превод на српски со уводи и коментари на еп. Атанасиј Јевтиќ.
  7. За свети Иринеј и неговото богословие опширно погледајте во книгата На патиштата на Отците 2, Белград, 1991. еп. Атанасиј Јевтиќ.
  8. Јеховини сведоци, христијанска верска заедница, Белград, 1999., издание на српски.
  9. Исповедници се наречени оние кои биле изложени на мачења, но не биле убиени.
  10. Ги препорачувам делата на Свети Кипријан, и тоа: “Писмо до Донат”, “За користа на трпението”, “За љубомората и зависта”, “За смртноста”, “За доброчинството”, “Софистот Деметријан” (апологија), “За ништавилото на идолите”, “Сведоштво против Јудеите”, “За паднатите”, “На девојките”, “За единството на Црквата” и 65 писма кои се особено драгоцено богословско-историско дело за запознавање со црковната пракса од тоа време.
  11. Човештвото во потрага за Бога, стр. 266.
  12. Слично на ова ортачење е и една случка од понов датум. Неколку секти (Муновото движење, Сајентолозите и Меѓународното друштво за свесност Кришна), меѓу кои и Јеховините сведоци, поднесоа заедничка тужба против Руската Православна Црква и Александар Дворкин, руски стручњак за прашања со сектите. Судскиот процес е завршен на 25. мај 1997 год. Јеховините сведоци станаа ортаци со оние во кои ни под разно не припаѓаат, освен по презирот кон Православната Црква. Ми се чини дека тоа е сосема доволно (Белградски дијалог, стр. 6, 1997).
  13. Текстот на Миланскиот едикт не е сочуван во оригинал, туку само Ликинијевиот ранскрипт од 313. година. На српски преводот на едиктот го има во “Вселенските Собори” од Р. Поповиќ.

Извор: Светосавље

Превод: А.А.

Поврзани:

Писмо бр. 1

Писмо бр. 2

Писмо бр. 3

Писмо бр. 4

Писмо бр. 5

Писмо бр. 6

Писмо бр. 7

Писмо бр. 8

Писмо бр. 9

Писмо бр. 10

Писмо бр. 11

Писмо бр. 12

Писмо бр. 13

Писмо бр. 14

Писмо бр. 15

Писмо бр. 16

Писмо бр. 17

Писмо бр. 18

Писмо бр. 19

Писмо бр. 20


This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, Историја, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Протестантизам. Bookmark the permalink.