Кој е Исус Христос? – Писмо бр. 3 до Јеховин сведок

Сите оние кои сакаат да допринесат со свој текст на блогов, да постават некое прашање, да дадат свој коментар или сугестија, можат да пишат на следнава е-маил адреса: vistinatakeveoslobodi@yahoo.com

Пишува: Мирослав Радошевиќ

Драг пријателе,

Знајте дека прашањето кое Господ Исус Христос го упатува на Апостолите: „А вие, што велите, кој сум Јас?“ (Мт. 16,15; Мк. 8,29; Лк. 9,20), е прашање упатено до сите луѓе. Одговарајќи на ова прашање, секој човек прави најсудбоносен избор меѓу воскресението и вечниот живот, од една страна, и смртта и вечната пропаст, од друга страна; избор меѓу Царството Небесно и крајна темница! Одговорот на ова прашање низ историјата се обиделе многумина да го дадат, така што грубо можеме да ги поделиме во две целини: одговори кои ги даваат оние надвор од Христијанството (јудејците, незнабошците, мухамеданците… сé до денешни денови) и одговори кои ги даваат оние кои се појавиле од христијанските средини (тоа воглавно истовремено се и носителите на ереси и расколи, и нивниот историски пат можеме, исто така, да го следиме до денеска).

Во првата група ги наоѓаме оние кои со Христијанството се поврзани органски (Евреите) или географско-историски (незнабоштвото, мухамеданството итн.), а чиј одговор неретко бил условен од сфаќањето кое им е втемелено од религиски или филозофско-научните убедувања. Најпрво одговор дале Евреите веднаш после распнувањето: „…се сетивме дека оној измамник (Исус) рече уште додека беше жив…“ (Мт. 27, 63). Меѓутоа, ова не е и единствен одговор кој го даваат Евреите. Следни одговори наоѓаме во светите книги на новојудаизмот (Талмуд, Зохар, Шулханарух), а тие одговори не само што се неосновани, туку се и куп најгнасни лаги и клевети, во кои се материјализирала сета омраза на која бил изложен Господ од страна на Јудејците. Бидејќи такви лаги не е умесно ниту да се изговорат, а камоли да се пишуваат, ќе ги оставиме таму каде што се.

Судирот меѓу Христијанството и многубоштвото се одиграл на две полиња: на религиско и на филозофско-научно поле. Имено, многубошците имале средба со монотеистичкиот јудаизам, но таа средба не прераснала во отворен судир, бидејќи јудејскиот монотеизам сепак останал во рамките на национална религија. Меѓутоа, она што Христијанството го донело со себе е вселенска вера која не ги познава границите на државата и нацијата, таа е вера на „Новиот Израил“, вера на сите оние кои поверуваа во Евангелието за Исус Христос. Од сето ова се јавила многубожечката реакција на Христијанството. Губејќи ја верата во боговите на римската многубожечка религија, интелектуалната елита на римската империја главна потпора против Христијанството нашла во филозофијата. Затоа и припадниците на разните филозофски правци се обидувале да дадат свој одговор на прашањето: „Кој е Исус Христос?“. Бидејќи сите тие, во главно, го сметале Христијанството за луда вера, така и нивните одговори биле воглавно слични. Стоиците, воопшто не разгледувајќи го христијанското учење, го отфрлуваат со својата гордост на своето филозофско знаење. За нив доволно е тоа што основач на Христијанството е дрводелец, а не високообразован филозоф, за Христијанството да биде презрено.

Меѓу првите кои се обиделе да дадат некоја посистематична критика на Христијанството, бил епикуреецот Келс, кој во своето дел напишано против христијанството – „Вистинско слово“, во суштина не изнесува ниту една аргументирана критика, туку само ги повторува клеветите и лагите кои ги изнеле Евреите против Христа. Покрај Келс, од епикурејците кои се обидуваат да го критикуваат Христијанството, е и сатиричарот Лукијан Самосатски, кој во својата сатира “Перегрин Протеј” ги исмева христијаните, а Господа Го нарекува измамник.

Посериозен противник на Христијанството е неоплатоничарот Порфириј (233-304)[1] кој, покрај посистематичната критика, покажува и многу подобро познавање на христијанското учење од претходните критичари.

Неоплатоникот Јерколо е далеку под Порфирија во познавањето на Христијанството, и во своите критики само ги повторува истите клевети и лаги со кои се користел и Келс.

Речиси седум векови од раѓањето на Спасителот, се појавува нова монотеистичка религија на историската сцена – исламот. Бидејќи исламот е мешавина од страозаветното јудејство, некои христијански учења и арапските многубожечки религии, со самото тоа дошло до ситуација да даде одговор на прашањето: кој е Исус Христос. Исламот за Господа вели дека од сите пејгамбери (пророци), кои Алах ги праќал како претечи на најголемиот пророк Мухамед, најголем е пејгамберот Иса, синот Мариин. Според исламската наука, Иса (Исус) е само човек, но роден на чудесен начин. Интересно е дека Куранот[2] говори за Господа без омразата којашто ја наоѓам во Талмудот.

Овие не се единствените мислења на нехристијаните за Господа. Низа одговори можеме да следиме до денеска, а наведените одговори се дадени во првите векови на Христијанството, и го сочинуваат мислењето на првото опкружување на христијанската вера, кое често било непријателски расположено.

На следната група припаѓаа сите оние кои се појавиле од самото Христијанство, како и оние кои за основа на своето учење зеле христијански идеи. Тоа се воглавно носителите на главните ереси и расколи, кои отпаѓале од Црквата најчесто давајќи одговор на поставеното прашање. Така, првите еретици се појавиле уште во апостолско време и тие се појавиле од јудеохристијанската[3] средина. Многумина кои преминувале од Јудејство во Христијанство, не раскинувале со обредната страна на Јудаизмот. Тие и понатаму го исполнувале старозаветниот Мојсиев закон и, неретко, нагласувајќи ја важноста на старозаветниот закон, ги смутувале и збунувале христијаните кои преминувале од многубоштво. Велеле дека и за христијаните е неопходно да се обрезуваат и да ги држат еврејските обичаи. Овие прашања биле повод за свикување на Апостолскиот Собор во 51 год. во Ерусалим, на кој е донесена одлука дека незнабошците кои преминуваат во Христијанство не се обврзани да го држат Мојсеевиот закон. Треба да се чуваат само од крв, удавено и блуд. [4]

Многумина јудеохристијани биле незадоволни од одлуките на Соборот и почнувале да се одвојуваат од христијанската заедница. Така настанале Евионитите – секта на јудејски христијани. Нивното конечно одвојување било после разурнувањето на Ерусалим од страна на Тит (околу 70 год.), а за тоа виновен е Тетубис, од незадоволство затоа што не бил избран за епископ. Евионитите учат дека Господ е само пророк сличен на Мојсеј, го отфрлуваат Неговото Божество, како и Неговото натрпиродно раѓање. Христовата работа ја сведуваат на разјаснување и дополнување на старозаветниот закон. Строго ја држат саботата, обрезанието итн.

Очекуваат дека Господ ќе го покори целиот свет и ќе им осигури власт на Јудејците низ илјадогодишно царство. Покрај Евионитите, тука се и Евионитите Гностици, кои на јудејското учење му додаваат многу незнабожечки елементи, а за Господ велат дека е божествен дух кој се јавил во ликот на Исус Христос, чија мисија е да го обнови старото учење дадено на мал број избрани.[5]

Го наведуваме и гностицизмот кој се јавува во христијански облик, уште во апостолско време. Гностицизмот е збир на разни учења, конгломерат на сето она што гностиците го сметале интересно и прифатливо. Затоа се јавува како многу жилав противник, бидејќи не бил непријателски настроен кон Христијанството, напротив, но по присвојувањето на некои христијански идеи, често тежнее себеси да се прикаже како оригинално учење. Заради тие особини, прилагодувања и синкретистичко присвојување, гностоцизмот се задржа многу долго на историската сцена, а кога зборуваме за него како противник на Христијанството, треба првенствено да се сфати во рамките на учењето. Значи, како духовен противник. Она што Гностицизмот го вели за Господ воглавно не се разликува меѓу правците. Гностицизмот смета дека Господ е еон (виша духовна суштина), а разликите воглавно се однесуваат на начинот и причината за доаѓањето на Господ во светот, целта на мисијата, начинот на соединување со човекот итн. За гностиците, Господ е човек на кој се симнал вишиот еон заради поучување на луѓето, а не заради искупување. За време на страдањата, еон или го напуштил човекот Исус или привидно страдал во реално или привидно тело.

Колкава опасност претставувал гностицизмот, покажува и фактот што и самите апостоли пишувале против гностиците. Гностичките учења лесно можеле да го одвратат човекот од вистинскиот христијански пат. Меѓу првите гностици е Симон Магесникот[6], за кој Светото Писмо вели дека се претставувал за „некој големец“ (Д.ап. 8, 9). Против гностиците докети [7] (грч. докеоизгледати) Апостол Јован пишува во 1. Јов. 4, 2- 3 и во 2. Јов.7. Против антиномистите[8(Николаити) Апостол Јован пишува во Откровението и ги нарекува валаамити на Новиот Завет (Отк. 2, 14-15). Освен нив, апостол Јован водел борба и против Керинта[9] кој почнува со своето учење во Палестина за време на Домицијан (81-86), а потоа преминува во Ефес. Неговото учење е мешавина од гностицизам и евионство. Во Ефес апостол Јован водел посебна грижа христијаните да не бидат привлечени од неговото учење. Против гностичкото учење апостол Павле пишува во посланијата 1. Тим. 6,20 и Кол. 2,8; 16-18.

Освен споменатиот Керин, познати гностици се Василид Сириец, кој во 125 год. во Александрија основал своја заедница. Потоа, Валентин, александриски Евреин кој воглавно работел на Кипар (умрел околу 160 год). Претставници на сирискиот гностицизам се Сатурнин, современик на императорите Адријан (117-138) и Татијан. За разлика од претставниците на сирискиот и александрискиот гностицизам, кои пропишувале најстрога аскеза, антиномистите учеле дека моралот ја ограничува духовната слобода, а нивни претставници се Карпократ и син му Епифан, кој во 17-тата година умрел од разврат.

Можеме да го споменеме и маркионството[10], кое е посебен гностички систем, според кој Господ не се родил од Дева Марија, туку едноставно слегол во капернаумската синагога. Маркионството учи дека Господ дошол да ги поучи луѓето како можат да се ослободат од Демијурговата[11] власт и да оддржат потполна победа на духот над материјата. Според него, Демијург е старозаветен бог, додека Христијанството е потполно независно откровение од Стариот Завет. Она што го одвојува од гностиците е неговиот обид да се прикаже како чист христијанин. Маркион користи исклучиво канонски книги, но кон канонот е премногу слободен и самиот преправа. Евангелието по Лука е единствено кое го прифаќа, како и посланијата на св. апостол Павле.

Покрај наведените, постоела и ереста наречена манихејство, чиј основач Манес е убиен во градот Гандизапура во 277 год. Манихејството има многу примеси на сириската дуалистичка религија, зороастроизмот (парсизмот) и многу фантастични описи. Според Манес, Христос е првочовек – еон на светлината, кој слегува во царството на темнината и стапува во борба со демоните со помош на петте чисти сили.

* * * * *

Ова беше краток историски осврт на првите три века од постоењето на Христијанството, во кои се појавуваат обиди да се одговори на прашањето кој е Исус Христос. Бидејќи подоцнежните одговори не се разликуваат особено од наведените, не е потребно да го продолжиме изложувањето сé до денешно време. Треба да се каже дека некои учења, кои произлегле од Христијанството, имаат извонредно високи барања на морален живот и дисциплина. Во тоа била најголемата опасност за христијаните, бидејќи многумина можеле да бидат привлечени поради високоморалните квалитети на некое од учењата. Меѓутоа, Христијанството не е само морален систем, туку целосен живот во вистината, така што и високоморалниот и аскетски живот без вистината, која е Христос, не води во живот вечен.

Постои нешто што е идентично за сите овие одговори, без разлика дали во нив стои дека Господ е измамник, обичен човек, учител, сличен пророк на Мојсеј, без разлика дали велат дека Он е еон – виша духовна суштина, дека е духовно битие итн. – а тоа е, дека сите овие се многу помалку одговори, а многу повеќе негирање на божеството на Господа Исуса Христа. Сите овие учења за своја основа го имаат тврдењето дека Господ Исус Христос не е вистински Бог, Творец, Искупител и Спасител на светот.

Имено, влегувајќи во светот со науката за Бога кој стана Човек за да ги спаси луѓето од гревот, злото и смртта, Христијанството ја негирало потребата за било што што не е Христос и што не е охристовено. Во светлоста на Христијанството стануваат излишни потрагите на филозофите за смислата и целта на животот, бидејќи во светот дојде Оној Кој го дава животот. Излишно станало трагањето за вистината, бидејќи самата Вистина дојде во светот. Со ова, значи, престнува и секоја потреба од филозофско умување[12], а тоа имало огромни последици за филозофите, кои Христијанството го гледале гордо и од висина на својата филозофска ученост. Затоа за нив одрекувањето на Христовото божество станало од животна важност, бидејќи со тоа се поткопува и самата апосолутност на христијанската вистина.

Јудеите, со признавањето на Господа за Месија, би го загубиле своето долгоочекувано царство на земјата.

Многубожечката религија би морала да ја признае својата заблуда и преку ноќ да се одрече од пантеонот на божества, на кои се посветени великолепни храмови.

Многу самопрогласени учители би морале да се одречат од своето пратеништво и на своите следбеници да им ја признаат сопствената заблуда.

Заради сето ова, одрекувањето на божествената природа на Господа Исуса Христа било од пресудно значање за сите нив, а како што гледаме, причините се главно од субјективна природа.


ЗАБЕЛЕШКИ:

1. Оригенов ученик, но неосновано е мислењето дека бил христијанин, всушност бил еклектичар.

2. Сура 3. ајет 40-47. Покрај ова место, Куранот ги спомнува Господа и Дева Марија на уште неколку места од кои е очигледен гностицизмот врз исламот.

3. Првите христијани биле во најголем број Јудејци.

4. Опишано во Делата Апостолски 15. 1,29.

5. Типично гностичко учење.

6. За учењето на Симон Магесникот дознаваме од делата на св. Иринеј Лионски.

7. Учеле дека телото кое го имал Господ било привидно.

8. Антиномистите се гностици кои го одрекувале моралот и развратот го сметале за еден од патиштата за ослободување од оковите на материјата.

9. Зачувано е предание според кое св. Јован со учениците дошол до јавна бања во која бил Керинт и, здогледувајќи го, апостолот им рекол на учениците: да се тргнеме од тука за сводовите да не паднат на нас, бидејќи овде е Керинт, непријател на вистината.

10. Го основал Маркион, кој бил одлачен од Црквата заради еретичкото учење од страна на самиот негов татко епископ.

11. Демијург, божество уредник, врска меѓу апсолутниот бог и творението, според грчката филозофија, особено кај Платон.

12. Не филозофско мислење, туку филозофски шпекулации во врска со проблемите кои се решени во Христијанството.

 Извор: Светосавље

Превод: А.А.

Поврзани:

Писмо бр. 1

Писмо бр. 2

Писмо бр. 3

Писмо бр. 4

Писмо бр. 5

Писмо бр. 6

Писмо бр. 7

Писмо бр. 8

Писмо бр. 9

Писмо бр. 10

Писмо бр. 11

Писмо бр. 12

Писмо бр. 13

Писмо бр. 14

Писмо бр. 15

Писмо бр. 16

Писмо бр. 17

Писмо бр. 18

Писмо бр. 19

Писмо бр. 20

This entry was posted in 20 писма до Јеховин Сведок, Јеховини Сведоци, Гностицизам, Ереси, ИСТОРИЈА, Ислам, Историја, Исус Христос, Исус Христос, КНИГИ (преводи на македонски), ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Протестантизам, Црковна. Bookmark the permalink.