Против баењето и гатањето – 1 дел

Ѓакон Јани Мулев

Речиси како по правило, кај голем дел од луѓето, кои се сметаат себеси за православни христијани, постои двојно верување: веруваат во Бог, но исто така, својот живот го раководат според разни суеверија (=празноверија), одат кај бајачи, гатачи, јасновидци, астролози, разни оџи, толкувачи на соништа, маѓепсници и слични, за да добијат помош од нив. За да покаже Бог дека тоа не е правилно верување, уште во Стариот Завет им заповедал да ги покорат незнабошците, но да не земаат ништо од нивните предмети – идоли, и било кој идол да го отфрлаат од својот дом. Во 1. Мој. 31, 19-35 се вели: „Тогаш Рахил му ги украде идолите на таткото свој“. Во 1. Мој. 35, 2: „Исфрлете ги идолите што се кај вас, па исчистете се, и измијте се“. Ису. 24, 23: „А сега, отфрлете ги туѓите богови, што се во вас, и свртете ги срцата свои кон Господа, Бог Израилев“; 1. Цар. 7, 3: „Ако од сè срце се обрнувате кон Господа, отстранете ги од средината своја туѓите богови и боговите од горичките, расположете го срцето свое кон Господа и Нему единствено служете Му, и Он ќе ве избави од филистејските раце“.

Но и покрај сите опомени од Бога, сепак народот останувал упорен во тоа двојно верување и тогаш, но и ден денес. И тука, особено кај луѓето кои се крстени, но не се доволно (или воопшто) воцрковени, т.е. ниту ја знаат, ниту ја практикуваат верата, кај таквите најчесто се појавува овој феномен на двојно верување. Од една страна ги гледате во црква, се молат, палат свеќи, а од друга, пак, ви кажуваат дека одат кај бајачи, гатачи, веруваат во соништа, амајлии, и сето тоа го сметаат како нормален дел од нашата православна вера. Но, ајде да видиме што се вели во Светото Писмо за баењето и гатањето, и за останатите наведени окултни феномени.

Во Стариот Завет многу јасно Бог ни заповедал да не се занимаваме ниту да одиме кај бајачи, гатачи, вражачи, повикувачи на духови на мртви, астролози, маѓепсници и слични на нив, па дури им се заканува и со смртна казна на оние кои го прават сето тоа.

„Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат“ (3. Мој. 19, 31).

„И ако некоја душа тргне по оние што гатаат на животински црева, и по магепсници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин“ (3. Мој. 20, 6).

„Маж или жена, ако извикува духови на мртви, да бидат убиени; со камења да ги убиете, виновни се“ (3. Мој. 20, 27).

„Да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господа, твојот Бог; зашто тие народи, што ти ги наследуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, не ти го дал“ (5. Мој. 18, 10-14).

„Го пренесе преку оган синот свој, гаташе и врачаше; си набави извикувачи на мртви и маѓесници и изврши многу неугодни работи пред очите на Господа, за да Го разгневи“ (4. Цар. 21, 6).

„А вие не слушајте ги вашите пророци и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници и вашите вражачи, затоа што тие ви пророкуваат лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете“ (Јерем. 27, 9-10).

„Вака вели Господ, Кој те откупи и Кој те обликува во мајчината утроба: Јас сум Господ, Кој сè создадов, Сам ги спрострев небесата и со силата Своја ја послав земјата. Јас ги правам ништожни доказите на лажните пророци и на видело го изнесувам безумието на меѓесниците, Јас Кој ги враќам мудреците и знаењето нивно го обрнувам во лудост“ (Исаија 44, 24-25).

„Вражачи да не оставате живи“ (2. Мој. 22, 18).

„Не јадете ништо со крв и не гатајте според летот на птиците“ (3. Мој. 19, 26).

За оние кои колат курбани „за здравје“, и се мачкаат со крв од нив, и за оние кои колат животно и ставаат крв животинска во темели на куќа, т.е. си внесуваат демони во својот дом, еве што вели Бог: „Нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои, зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата. Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене. Ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сè, што ја исполнува. Зар Јас да јадам јунешко месо и да пијам крв јарешка? Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите свои упатувај Му ги; и повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш“ (Псал. 49, 9-15). „Ќе го славам името на мојот Бог со песна, ќе го возвеличувам во славословија, и тоа ќе Му биде поугодно на Господа, отколку теле или јунец со рогови и со копита“ (Псалм 68, 30-32). Доколку некој сака да подари животно за ручек, тоа може само да го донесе во црквата или манастирот, да го остави за да го зготват, но никако не смее да се мачка со крвта на животното, ниту пак да се внесува животното во храмот, како што се случува во некои места.

Во Новиот Завет исто така многу строго се зборува против овие окултистички феномени. Светиот апостол Павле во посланието до Галатјаните јасно вели, дека таквите „нема да го наследат Царството Божјо“ (5, 19-21), се разбира, доколку не се покајат. Во Црквата има можност и сила да им биде простено, доколку тие искрено се покајат и се одречат од своите демонски занимања. Но не треба да се одлага покајанието, туку тоа треба да биде што поскоро, за да не биде предоцна, затоа што не знаеме што ни носи ни утрешниот ден.

Во Делата на светите апостоли го читаме следниов настан: А кога го поминаа островот сè до Пафос, најдоа еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Вариисус, кој беше со намесникот Сергиј Павле, човек умен. Тој, откако ги повика Варнава и Савла, посака да го чуе словото  Божјо. А маѓесникот Елим, зашто неговото име така се толкува, им се спротивстави, трудејќи се намесникот да го одврати од верата. Но Савле, кој се викаше и Павле, исполнет со Дух Свети, погледа на него, и рече: ,О, ти, кој си полн со секаква лага и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секаква правда, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта? И еве сега, раката Господова е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!‘ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и жбарајќи, бараше водач. Тогаш намесникот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи се на Божјото учење“ (Дела 13, 6-12). Па така гледаме дека маѓепсниците дејствуваат против Бога, се трудат да ги оддалечат луѓето од Бога и од правилната вера, но потполно се бессилни против силата Божја, пројавена во конкретниов случај преку зборовите и верата на апостолот Павле.

И светиот Јован Богослов во своето Откровение ги изобличува бајачите и гатачите, т.е. служителите на демоните: „Блажени се оние, што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој, што сака да лаже и лаже“ (Откр. 22, 14-15). „А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници. Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово“ (Дела 19, 19). Оние кои се занимаваат со овие безбожни и богоборни дејства треба малку да подразмислат за своите демонски дела.

Каноните на светата Црква категорично им забрануваат на христијаните да се занимаваат со окултизам. Согласно правилата на свети Василиј Велики, луѓето, кои се занимаваат со маѓепсништво подлежат на иста епитимија како и убијците. Но зошто тие се сметаат еднакви на убијци? Па зарем тие убиваат луѓе? Не, не убиваат, туку тие прават дури и полошо: не го убиваат телото, но ја убиваат душата, фрлајќи ја во демонските мрежи и лавиринти. Според сведоштвата од Светото Писмо и свештените канони на Светата Црква јасно е дека овие окултисти работат во соработка со мрачните сили против Бога и Светата Црква, и немаат ништо заедничко со Светата Црква. Затоа светиот апостол Павле вели: „Што општо има помеѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар?“ (2. Кор. 14-15)

Но да видиме кои и какви луѓе се занимаваат со овие богоборни феномени.

Постојат неколку типа на бајачи:

А. Демонизирани, т.е. под директно демонско влијание: Луѓе кои свесно или несвесно работат под силно дејство или опседнатост на нечистите сили-демони, и со нивна помош прават неверојатни чуда, предвидуваат настани, го дознаваат минатото, откриваат скриени нешта, и често се мешаат во животите на луѓето и со тоа им нанесуваат штети со неизмерни и непоправливи последици. Многу често таквите медиуми губат контрола над себе, го менуваат гласот па и изгледот, во таква состојба кажуваат откровенија за кои подоцна не се сеќаваат. Некои од нив прават многу чуда, летаат во воздух, лечат разни болести, сè со цел да ги заведат луѓето и да ги натераат да им поверуваат. Самите тие за себе велат дека „ги мачат светци“, особено света Петка, магично поврзувајќи ја оваа светителка со денот Петок и со постот во истиот ден. Но, света Петка, не само што никогаш и никого не мачела, туку и самата пострадала маченички, а овие сироти луѓе, ги мачи ѓаволот, а не „светците“ како што самите тие се залажуваат.

Б. Душевно болни: Најчесто болни од шизофренија, и како што е познато, кога не пијат лекарства, добиваат „откровенија“, слушаат гласови, им зборуваат светители итн. Често зборуваат неповрзано, со нејасни и бесмислени симболики, се однесуваат чудно, и за жал, луѓето верски непросветлени, кои стојат далеку од Христос и Неговата Света Црква, ваквите појави ги сметаат како знаци дека некој е светител и избраник Божји. Многу често самите овие бајачи да ги навредуваат луѓето, а тие трпат сè, затоа што мислат дека тоа заслужено им го кажува некој Божји човек.

В. Перверзни и манијаци: Тоа се најчесто мажи со сексуални настраности, кои, зад маската на побожноста си ги прикриваат своите перверзии. Некои од нив се промовираат себеси дека исцелуваат бездетност, па многу бездетни парови, сакајќи по секоја цена да добијат дете, одат кај таквите „исцелители“, а овие, имаат веќе разработена тактика: им велат дека САМО жената мора да преспие во „манастирот“ на „божја постела“. И кога ќе остане жената таму, кај бајачот, ја чека сексуална злоупотреба. Некои бајачи имаат и свои помошници, па кога ќе остане жена во манастирот, бајачот ја убедува дека овие луѓе се од Господ пратени за да добие од нив дете, и таа, милум или силум ќе падне во грев со нив. Некои промискуитетни жени, склони кон прељуба, молчат за овие настани, и знаат често да одат кај тие бајачи на „терапија“. Додека пак другиот тип на жени, кои никогаш не би го изневериле својот маж, кога ќе си заминат дома, и од страв да не бидат оставени од своите мажи, нема ништо да проговорат за она што им се случило, и така овие манијаци остануваат недопрени и неоткриени.

Другиот тип се бајачи-хомосексуалци, кои ги заведуваат младите мажи кои им доаѓаат на баење, некогаш дури и со пари ги поткупуваат, само за да легнат со нив. Тие најчесто имаат презрив и понижувачки однос кон жените, ги нарекуваат „нечисти“, им се закануваат со казна од Господ, само затоа што тие имале благословени, брачни телесни односи, во кои нема ништо нечисто.

Г. Измамници, профитери, манипуланти: многу честа категорија на бајачи, кои заработуваат на маката и болестите човечки. Тие секогаш имаат свои соработници со кои го делат „пленот“. Таквите соработници се мешаат помеѓу луѓето кои дошле на баење, и божем си ги раскажуваат маките со другите дојдени страдалници, тие всушност собираат информации, кој од каде е, како се вика, зошто е дојден и многу други информации. И потоа сето тоа му го пренесуваат на бајачот. И тој потоа излегува, и пред цел народ извикува: тој и тој човек, од тоа село/град, кој има таква болест/мака – нека влезе. И веднаш човекот кога ќе си го чуе името и сите тие податоци се вчудовидува од видовитоста на бајачот, и се утврдува во верата во него и во баењето. А и останатите присутни се восхитуваат на таквото чудо, како бајачот ги погодил сите тие нешта, и самите тие уште повеќе почнуваат да му веруваат на бајачот, а не се свесни во каков измамнички круг влегуваат. И веднаш, штом бајачот ќе насети дека луѓето му веруваат, почнува да добива „откровенија“ и да им кажува колку јагниња да му подарат „за здравје“ и колку пари да даруваат, често пати нарачуваат неколку литри зејтин, шеќер, брашно, сол, кафе – за да се фатело баењето, а сето тоа подоцна тој ќе го подели со своите соработници и помошници. Овие се многу опасни бајачи, затоа што од маката човечка собираат многу пари, и со тоа ги купуваат луѓето кои имаат високи позиции, и добиваат заштита од нив (често пати дури и министри, директори, адвокати, судии, полицајци), и надлежните свештеници и епископи не можат никако да ги протераат од црковните имоти, кои овие богоборци насилно ги имаат преземено и осквернето. Често пати свештениците кои им се противат добиваат и страшни закани од страна на нивните следбеници, а тоа е всушност и најголем доказ дека тие луѓе се богоборци и немаат ништо заедничко со Христос нашиот Бог и Спасител, и со Неговата Света Православна Црква. Но исто така треба да кажеме дека и оние кои одат кај бајачи и гатачи, не смеат да се нарекуваат православни христијани, сè додека не се вразумат и покајат.

(продолжува)

Преземено: Ортодоксија и Ортопраксија

This entry was posted in Астрологија, Астрологија / Хороскопи, Баење / Гатање / Амајлии, Баење / Гатање / Амајлии, Биоенергија / Исцелители, Биоенергија / Исцелители, Верувања, Вештерство / Магија, Курбан, ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, Окултизам, Окултизам, Паганизам, Паганизам, Ритуали, СОВРЕМЕНИ ТЕОЛОЗИ. Bookmark the permalink.