Зошто во Македонија се рушат духовни храмови

17.02.2011

Последните инциденти на Скопското кале повторно покажуваат дека некој сака да си поигра со духовните чувства и соживотот кој постои на овие простори. Повторно се удира онаму каде што народот е најчувствителен, се рушат верски храмови.

lesocki-manastir-500

Зошто на некој му смета градењето на овие објекти и дали навистина има потреба од изградба на истите.

Оваа дилема се појави и последните неколку денови, со изградбата на Црквата Музеј и обидот истата да се сруши.

Од политичката партија на ДУИ, неколку дена пред да се случи инцидентот, се обидоа да дадат одговор зошто не сакаат тој да се изгради:

„Нашата порака денес е јасна, во создавањето на културните традиции во Македонија, соучесници и одговорни се Албанците, изјави Изет Меџити на Скопското кале. во присутво на речиси целото раководство на партијата.

Неколку дена после тоа стотина жители почнаа да ja рушат црквата музеј, биле испровоцирани бидејќи власта сакала да ја гради тајно и на полноќ.

Всушност нивната порака е повеќе од јасна. Не сакаат да бидат дискриминирани. На Kалето имало и остатоци од албанска и исламска култура, па изградбата ќе ги навредела нивните чувства.

Но според Паско Кузман, планирано е и изградба на музеј во кој ќе бидат изложени сите пронајдени артефакти, без разлика на која култура припаѓаат. Планирана е и реконструкција на објекти од османлискиот период.

Дали на Калето постојат остатоци од албанска култура?

Во истражувањата на Калето, покрај другите учествувале и осум археолози од албанска националност, а истражувањето го раководел Драги Митревски.

-Калето мора да го направиме достоен споменик на културата, со сите податоци што ги носи во себе. Луѓето ќе се искачуваат на Кале поради туризам, историја и наука, ќе изјави тој пред почетокот на истражувањето.

Според него илузорно е да се бараат тука остатоци од илирска култура кога всушност Илирите никогаш и не живееле на овие простори.

Митревски во изјавата дадена за Дневник тврди дека неосновани се обвинувањата дека се форсира само една култура. Во МАНУ била отворена изложба за исламско Кале, а на истата тема зборувал на конгрес во Исламабад .

За разлика од него, Директорот на Националниот центар за конзервација, Беџахудин Шехапи, за истиот медиум вели дека проектот нема никаков мултиетнички концепт.

Тој не негира дека во средновековниот период се наоѓале катедралната црква „Богородица Троеручица“, двете цркви на семејството Апокавк, „Св. Никола“ и „Св. Богородица“ и црквата „Св. Богородица“ на монахот Ксенофон. Но имало и остатоци од 538 години исламска уметност и култура. Според него многу непријатно е покрај очите на 200.000 муслимани без најава да решите да реконструирате црква.

Но зошто на овие 200 илјади муслимани би им сметала изградба на црква?

Всушност се повторува истото сценарио што се случуваше пред неколку години, кога на Плоштадот требаше да се гради црквата СВ. Константин и Елена.

Тогаш за брзо време се формираше иницијативен одбор за изградба на Бурмали-џамијата која имаше јасен став: црква на плоштад може да има само доколку на неколку метри од неа се изгради џамија.

Нешто слично се случуваше и во гостиварската населба Дутлок населена главно со православно население. Таму уште пред 10 години бил осветен камен-темелникот за црква, сепак оделението за урбанизам на оваа општина, зацртува на местото каде што треба да биде изградена црквата, да се изгради џамија. И за изградба на оваа црква постоел претходен договор за изградба на џамија од спротивната страна.  Џамијата е изградена, а црквата станува базен.  Значи ситуацијата е повеќе од јасна.

Последните години некои структури сакаат да наметнат таква ситуација во која македонскиот народ нема да може да ги гради слободно своите сакрални објекти, па така за било која изградена црква би требало да се изгради џамија.

За разлика од цркви, џамии во Македонија се градат без никаков проблем. Само во последните години изградени се некоку стотици, а за голем број од нив не биле ниту побарани ниту обезбедени ни основните документи потребни за изградба на било каков градежен објект.

Најдобар пример за тоа е изградбата на џамијата во Долно Нерези, во општина Карпош.

На градежните инспектори од Општината Карпош не им успеа да ја сопрат изградбата на џамијата и покрај пломбирањето на градилиштето и решението за прекинување на градежните работи. Според деталниот план што беше усвоен за оваа населба максимално дозволената висина на објектите е 7,20 метри. Затоа не смеат да се градат минариња или други објекти што ја надминуваат оваа висина.

Тогашниот градоначалник  на Карпош, Андреј Петров, ќе потврди дека и покрај забраната, Исламската верска заедница (ИВЗ) продолжува да го гради верскиот објект. Тој изјави дека инспекторите од Карпош постојано се на терен, но оти градежните работи се одвиваат навечер. Во интерес на луѓето што ја градат е да ги прекинат активностите, зашто наскоро ќе се донесе деталниот план за локацијата и ќе ги урнеме сите делови што ја надминуваат дозволената висина. И покрај овие негови закани објектот беше изграден.

Интересно е дека и џамијата која се градела во Карпош, градена е вечерно време, па, фала му на бога, никој не појде да ја руши. Ниту еден од сегашните експерти кои критикуваат зошто црквата започнала да се гради во вечерните часови тогаш не даваше никаков коментар.

Нешто слично се случува и со изградбата на џамијата во Горна Белица. За овој објект од ниту една државна институција немаше одобрение за градба, а Државниот инспекторат и струшкиот Основен суд донесе одлука за уривање на овој верски објект. Сепак објектот беше изграден.

– Денес џамијата ја легализира и Алах и верниците, рече градоначалникот на Струга Рамиз Мерку, за време на нејзиното свечено отварање.

И навистина е така како што изјавува Мерку. За разлика од православните кои секогаш кога треба да градат некој објект потребна им е дозвола од голем број на експерти и невладини организации, ИВЗ бара дозвола единствено од Алах и нејзините верници.

Што значи дека до сега секогаш кога требало да биде изграден некој исламски верски објект, бил изграден. Никој не сакал да го сруши и се разбира дека е добро што е така. На една мултикултурна држава како што е нашата, без верската толеранција деновите и се избројани.

Каква порака испраќа Лешочкиот манастир?

lesocki-manastir-240Сака ли некој да создава меѓуверски немири и да руши верски храмови, како да  не ја гледа нивната сила.

А колкава е нивната сила најдобар пример е Лешочкиот Манастир.

Манастирот како што вели народот бил трипати сардисан.

Првпат во 1710 година сардисан е од турски јаничaри, за во 1817 повторно да биде обновен од страна на Кирил Печиновиќ.

Второто сардисување е од страна на околните жители од албанско етничко потекло и третото сардисување е за време на последниот вооружен конфликт во тетовскo на 21 август 2001 година. Со силна детонација во 3 часот утрото, црквата била срушена до темел.

Судбината на Лешочкиот манастир ја делат многу православни храмови, различни цркви и манастири.

Рушени, палени сардисувани, но после секое рушење, успевале одново да бидат изградени, за повторно да зрачат со својата духовна сила и убавина.

За жал, сеуште постојат луѓе кои мислат дека ќе успеат нашите храмови да ги отстранат за секогаш. Тие како да не ја гледат пораката која низ вековите ја испраќал Лешочкиот манастир но и голем број на други храмови со слична судбина. Порака која е повеќе од јасна: не постои материјална сила која може да го уништи духовното богаство на секој еден народ па и на нашиот.

Храмовите не биле градени  благодарение на тоа што биле рушени други, туку како резултат на љубовта и верата кон Бога, но и почитта кон другиот без разлика на која вера припаѓа. Поради тоа секој кој повикува на насилство и рушење, не ја руши културата и духовното богаство на другиот, туку на самиот себе.

Преземено: Курир

 

This entry was posted in ВЕСТИ, Ислам, Македонија. Bookmark the permalink.