Духовите не ми даваат мир. Живот и дело на баба Ванѓа

Архимандрит Павле Стефанов

Вoзгласoт “Вечнаja памjaт”, со кој завршуваат сите православни oпелa, звучи како иронија, бидејќи за поголемиот дел од покојните се сеќаваат само најблиските роднини, за на крај да бидат заборавени и од нив. Ретки исклучоци се луѓето, чија слава, поради добро или зло, не само што не се помрачува по смртта, туку се зголемува, дури прифаќа болни и изобличени пропорции. Еден пример за таква посмртна „слава” е Евангелија Гуштерова, попозната како “петричката јасновитка”, „тетка Ванѓа”, “Баба Ванѓа”, а во последно време сé почесто е впрегнувана од манипулантните медиуми како “светицата Ванѓа“.

Таа е родена на 31 јануари 1911 година во Струмица (сега Македонија) во сиромашно семејство. Уште како дете сака да гата со момите за празници, да крие предмети и да ги наоѓа со затворени очи итн. На 12-годишна возраст, кога е на полето со сестра си, ги пресретнува виулица, која ја крева во воздух и ја носи два километри подалеку. Овој момент треба да се нагласи, зашто народното суеверие ја олицетворува виулицата и гледа во неа зла сила, која може да го убие или полуди човекот. Ванѓа не умира и не полудува, но ослепува. Во почетокот на 1941 година й се јавува коњаник, кој зрачи светлина во бело, и се претставува како Јован Крстител (според други извори – како Јован Златоуст). Тој й вели дека таа ќе започне да претскажува, а тој ќе биде до неа, за да й ги пренесува информациите од другиот свет. Наместо да се советува со духовник и да ја отфрли прелеста, Ванѓа паѓа под влијание на духот што й се јавил.

Уште во април 1941 година, кога Вермахтот влегува во Југославија, Ванѓа почнува да пророкува со сосема изменето лице и глас. Таа раздава и рецепти за лекување, претежно со билки. Нејзината слава се шири низ градот и цела Македонија. На 8 април 1942 година ја посетува самиот цар Борис III, кој е склон кон мистицизам и постојано се консултира со дановистот Лулчев. Тврдењата дека кај Ванѓа доаѓа самиот Хитлер се апсурдни. По бегството на Рудолф Хес во Англија во 1941 година, фирерот заповеда да ги уапсат сите астролози и гатачки во Германија, бидејќи “предавникот” се советувал со астролог, пред да полета со авион.

Во 1942 година Ванѓа се мажи за Димитар Гуштеров и се преселува во Петрич. Нејзиниот семеен живот е несреќен. Таа ниту има деца, ниту успева да влијае врз својот сопруг, кој станува алкохоличар и умира од цироза на 40-годишна возраст. Ванѓа живее во Петрич, но прифаќа посетители во месноста Рупите, која се наоѓа на местото на антички пагански храм. Таа е одведена во Софија, за да разговара со комунистичкиот диктатор Тодор Живков. Најпрво тој е скептичен, но е импресиониран од разговорите со неа и дозволува од 1967 година посетите кај неа да бидат институционализирани и платени. Дел од таксата се прибира од државата. Се проценува дека обично Ванѓа прима по 100-120 луѓе на ден и за целиот период на гатање се сретнала со над еден милион луѓе.

Таа е проучувана од громогласниот во тоа времето сугестолог проф. Георгиј Лозанов и други научници, за неа се снимени филмови, напишани се неколку книги, особено од нејзината внука Красимира Стојанова. Кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години, Ванѓа е повлечена во окултистичкиот круг на Људмила Живкова, кој се обидува да ги комбинира комунистичките догми со Агни јога учењето на Николај Рорих. Во таа затворена заедница влегуваат Светлин Русев, Богомил Рајнов, Нешка Робева итн. Ванѓа станува најсоодветниот човек кој се користи со доверба за нехристијанските идеи на влијателните окултисти да ги распространува како “откровение”. По 1989 година, работејќи како опортунист, повторно ги менува своите политички симпатии. При средба со поранешниот водач на СДС Петко Симеонов, таа го претскажува изборниот слоган “Времето е наше”. Претседателот на “Поткрепа” – Константин Тренчев – признава дека од 1992 до 1996 година се среќавал со неа 50 пати. Таа е кума на подоцна убиениот банкар Емил Кјулев, кој по нејзина наредба купува чифлик до Мелник. Фрапантно е дека јасновидката не можеше да погоди дека нејзиниот кумашнин ќе биде убиен во Софија во октомври 2005 година. Искачувајќи се на Еверест во 2004 година, Петко Тотев носи “икона” на непризнатата од никого „светица“ Ванѓа, насликана од Русев. Дури и благочестивиот Симеон ІІ при посетата на Рупите пали свеќа и се поклонува на гробот и во црквата на Рупите.

Баба Ванѓа умира на 10 август 1996 година. Погребана е до црквата “Св. Петка” во Рупите, која самата ја изградила, а во која активно се поддржува култот кон неа. Фондацијата “Ванѓа” изгради манастирски комплекс и се предвидува формирање на огромна ботаничка градина, парк и езеро.

Постојат најразлични верзии за начинот на кој гата Ванѓа. Можеби најсмешната е онаа на Јуриј Горниј. Тој тврди дека петричката гатачка располагала со огромна мрежа на информатори во хотели, автобуси и такси кои претходно ги обработувале и преслушувале нејзините идни клиенти и й ги предавале собраните информации. Други сметаат дека таа имала способност да чита мисли, но тоа не може да го објасни тоа како таа зборува за луѓе и настани, за кои оние кои дошле кај неа воопшто не ги знаат или не се сеќаваат. Ванѓа не е ниту шизофреник со подвоен идентитет.

Заклучок е еден – феноменот Ванѓа не потклекнува на материјалистичко (атеистичко) објаснување. Клучот кон одгатнувањето на тој проблем лежи на друго место.

Луѓе блиски со Ванѓа, соопштуваат дека кога таа понекогаш паѓала во транс, нагло го менувала лицето и гласот и почнувала да зборува во име на други луѓе. Самата таа исповеда дека предвидува преку комуницирајќи со духовите на умрените. Всушност, тие духови не се на покојници, туку се духови, потчинети на ѓаволот. Демоните располагаат со извесни познавања за иднината и минатото и ги потшепнуваат на гатачката. Таа не секогаш го разбира кажаното од нив и затоа прашува други луѓе да й објаснат. Духовите ги опишува како проѕирни и безбојни (“како вода во чаша”), но во исто време зрачат светлина („како оган во печка”). Според неа, тие одат, седат, плачат, се смеат. Меѓу нив таа среќава духови на Ленин, Рорих, Брам. Ванѓа го опишува духот на создателката на теозофијата Елена Блаватска како најстрашен дух кој го сретнала.

Важен детаљ е грутката шеќер, која Ванѓа бара од посетителите да ја носат. Во окултизмот и магијата кристалите играат главна улога како резонатор на личните “вибрации”. Гатачката е отворена пред своите блиски:

“Понекогаш спијам само еден час. Духовите не ми даваат мир. Ме малтретираат, ме будат. Велат: Станувај. Време е да се работи”.

И покрај крајно исцрпувачкиот печалбарски маратон, во кој се претвора нејзиниот живот, таа поседува неверојатна, бесна енергија.

Иако полуписмената Ванѓа во надворешниот живот се претставува како православна верничка, нејзините ставови за религијата немаат ништо заедничко со христијанството. На прашањето дали верува во Бог, таа одговара збркано:

“Не може да има Бог на светот, Бог е овој свет. Нема Бог во човекот, но има човек во Бога“.

Таа го отфрлува и традиционото разбирање за рајот и пеколот:

“Тоа се различни страни на животот без тело. Ако умрениот им е потребен на живите – тоа е рај “.

Во однос на Спасителот, Ванѓа фантазира дека Христос “нема фигура”, туку бил “огромна огнена топка”. За најголем светец го признава рускиот монах Сергиј Радонежки, кој “се претворил во светлина”.

Според Баба Ванѓа, сите религии ќе исчезнат, а ќе остане само учењето на Белото братство (на Рорих), кое ќе го освои светот, тргнувајќи од Русија. Таа тоа учење го нарекува “огнена Библија”.

Ванѓа не верува во бесмртноста на душата и воскресението, туку во индискиот мит за повторното раѓање. Според нејзините зборови, нејзината прва мајка била фараонка од Египет, а таа самата неколку пати се прераѓала. Според неа, советските ракети  ја “прочистуваат” и “осветуваат” вселената над Русија, а Јуриј Гагарин примил “небесно тело“.

Погрешните претскажувања и гатања на Ванѓа немаат број. Нејзиниот разговор со Хитлер е само почеток. Трновскиот поет Радко Радков, кој беше многу близок со Људмила Живкова, во разговор со мене сподели дека петричката гатачка му рекла за него дека бил “англиски шпион”. Тоа не само што е лага, туку и клевета. На Александар Бовин Ванѓа му предвидува дека СССР ќе го окупира Чиле и “наскоро црвени знамиња ќе се веат во многу земји на светот”. Дури вели дека Бугарија неминовно ќе влезе во составот на СССР. Покрај тоа, “Русија ќе стане господар на светот”. Ванѓа стига до апсурдност и до бесмисленост кога им забранува на своите клиентки да носат чевли со потпетици, бидејќи “пречат на небото”, а на еден руски писател го советува да ги остава ракописите отворени ноќе, за да впијат “небесни енергии”. Таа препорачува наутро на гладно да се пие чаша ракија “за здравје” и сл.

Многумина екстрасенси претендираат дека тие се единствените наследници на Ванѓа, негирајќи ги другите мистификатори. Во летото 1995 година Ванѓа го одредува  осетинецот Маирбек Хаџумарович Бегизов за свој наследник. Но, неколку дена пред да издивне, таа ненадејно си го менува мислењето и ја посочува за заменичка асеновградската гатачка Нина Димитрова.

Нејзина духовна наследничка претендира дека е и една, исто така, слепа французинка – Патриша Лјумо. Други тврдат дека продолжуваат да добиваат “откровенија” од умрената петричка гатачка. Се заборава дека во разговор со Врбка Орбецова во 1991 година Ванѓа нервозно ги отфрла конкурентните екстрасенси како “шарлатани” и “тинтири-минтири“.

Случајно или не, во Централна Африка се почитува божество по име… Ванѓа. Локалните црнокожи незнабошци веруваат дека тоа живее на еден остров во езерото Викторија и му се молат при болести и природни катастрофи. И во Бангладеш постои култ кон божество со истото име – Ванѓа (Vanga <bôngo, [Bonga = Сончево божество]).

Не треба да заборавиме дека Црквата учи за реалноста на демоните, кои се прикриваат зад маската на паганските божества и настојуваат да ги оттргнат луѓето од благочестивото поклонување на вистинскиот Бог. Можно е демон, кој се претставува со името Ванѓа, да ја “избрал” некогаш Евангелија за свое лице во Бугарија и под негово влијание таа да гатала, со цел одвраќање на бугарскиот народ од спасителното Православие.

Некои луѓе во Бугарија и странство се заинтересирани да го овековечат антихристијанскиот култ околу покојната гатачка Ванѓа од Петрич, да ја претстават речиси и како светица и божица, за да се спротивстават на здравото традиционално христијанство. Дали ќе успеат, зависи од сите нас. Да се вслушаме во трезвеното предупредување на апостол Павле: “Да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата.” (Ефес. 4:14).

Извор: Духовете не ми дават мир – Живот и дело на баба Ванга

This entry was posted in Баба Ванѓа, Баење / Гатање / Амајлии, Баење / Гатање / Амајлии, ЛАЖНИ ПРОРЦИ И УЧИТЕЛИ, ЛАЖНИ УЧЕЊА И ДВИЖЕЊА, СОВРЕМЕНИ ТЕОЛОЗИ. Bookmark the permalink.