Мојата приказна: Од Ислам до Православие (втор дел)

ottomanname-720x340Продолжение од првиот дел

КA: Разбирам. Колку години имаше кога ти и твоето семејство се доселивте во САД, и поради кои причини се случи тоа?

AA: Џими Картер дојде во нашата земја, и се очекуваше шахот да се соочи со преврат. Татко ми започна да слуша лоши вести во кои многу слободно се критикуваше шахот, и така тој нè испрати мене и нашето семејство надвор. Тој остана во Иран, а ние се преселивме во САД, во Џорџија, неколку години.

КA: Какви беа твоите впечатоци? Што знаеше или мислеше за Америка, како посветено муслиманско момче кое во тоа време излегло од Иран?

AA: За муслиманскиот ум, Американците се Христијани. Нема разлика. Христијаните имаат потешкотии со признавањето дека нивната земја е основана врз христијански принципи, но за муслиманскиот ум, Америка е христијанска. Кога гледав Американци, јас не правев разлика меѓу тоа некој да е Американец или Христијанин. Во тоа време хомосексуалноста не беше толку раширена, но сигурно дека гледав прељуба, пијанства, проституирање, убиства, кражби, и сето тоа изгледаше како да е нормално, барем тоа го гледав на телевизиите, на вестите, и за тоа слушав наоколу, така што, мојот прв впечаток беше дека Христијаните, секако, имаат лажна вера, оти инаку не би биле толку неморални.

КA: Исламската религија и култура во муслиманските земји се прилично целосно обединети?

AA: Да, во Исламот имаме многу правила за тоа како се води државата, и како луѓето работаат, и како владата владее врз основа на Исламско Шеријатско право. Истото се претпоставува и за Христијанството и Америка.

КA: Ти спомена една цела група на неморални нешта, и нема повторно да ги набројувам едно по едно, но зарем истите не постојат во Исламот?

AA: Како тинејџер, јас можеби не ги гледав тие нешта. Мајка ми, која живеела таму, вели дека некои од нив ги видела. На пример, се сеќавам дека во весниците читав за една личност која извршила прељуба, и тоа беше толку голема работа, затоа што вообичаено не треба да се случува. Кога денес зборувам со Муслимани кои заминуваат од Иран, тие ми велат: „Не, сето тоа се прави тајно. Ти само не си знаел за ова, зашто си бил младо момче“. Помеѓу ревносните Муслимани, јас искрено не видов пример на отворено правење грев, и ова сепак зависи од тоа што ќе биде дефинирано како грев. Ако го дефинираме како неморални постапки и вонбрачен секс, тогаш би рекле дека тие вообичаено не го прават тоа. Ако пак, речеме дека е грев да се има повеќе жени, или да се спие со проститутка со сигех (Никах ал-Мут’ах, نكاح المتعة‎, привремен брак кој може да трае од 15 минути до 99 години, дозволено е само доколку жената е Муслиманка, Христијанка или Еврејка), тогаш и тоа нешто би се сметало за неморално.

КA: Пред интервјуто ти спомна нешто што навистина ме изненади. Ти рече дека на побожните Муслимани им е дозволено да спијат со проститутки или други жени надвор од бракот, сè додека имаат дозвола или налог од нивниот мула или имам?

AA: Да, и не сум сигурен дали ова се практикува во сите муслимански земји, но знам дека мојот мула ме поучи дека доколку имам потпишано сигех, јас и мојата девојка може да имаме секс онолку колку што сакаме, и тоа не е ништо. И, доколку еден оженет маж патува од Иран во Франција, на пример, и не може да се контролира себеси, тој ќе оди и ќе потпише еден лист, и ќе може да спие со проститутка колку пати и да сака, сè додека и двајцата го потпишат тој документ.

КA: Секако, тоа е различно поимање на гревот, и понатаму ќе дојдеме до оваа тема повторно. Како ова влијаеше врз тебе, фактот дека живееше во неморална религиска култура? Дали тоа те направи уште поревносен во твојата Исламска вера? И што повлече тоа по себе?

AA: Да, јас гледав наоколу и го гледав овој начин на живеење, и доколку имав и најмал сомнеж дека Христијаните се неморални, од она што го гледав во Америка почувствував дека тоа е вистина. Затоа, Исламот стана уште повистински за мене, затоа што го гледав Исламот како вистински морален пат, и Исламскиот бог како вистински Бог, зашто тој учеше на една многу морална реланост, и дека Муслиманите живеат поморално од оние Христијани кои ги гледав околу мене, во Америка. Сакав да преобратам што е можно повеќе од моите пријатели – Христијани во Ислам, за да бидат избавени од неморален во морален живот.

КA: А како дојде до ова откритие, Антониј? Дали преку тоа што одеше во јавно училиште, оти тоа е можно. Или пак, преку телевизијата, или филмовите, или и двете?

AA: Телевизијата и филмовите имаа големо влијание врз мене. Гледав серии од типот на „Далас“, и филмови во кои гледав јавно одвратни прељубодејствија. Американците можеби ќе мислат дека е смешно кога некој гледа некаков филм и мисли дека филмот е Христијански. Но, во мојот ум, филмовите беа Христијански, и мислев дека Христијаните учат на тоа, дека тоа што го прикажуваат на филмовите е дел од тоа како тие живеат. Всушност живеев во еден многу конзервативен град, па во поголем дел од времето не гледав како гревот се одвива околу мене, иако го имаше, но беше притаен.

КA: Мислам дека ова е важно луѓето да го сфатат за нашите медиуми и нашата забавна индустрија, дека можеби ова не е причината поради која Исламските земји го мразат американскиот народ, но дека нивниот впечаток за тоа кои сме ние во голема мера се заснова на нашата забавна индустрија и како сме прикажани во неа. Дали тоа би било добар начин на дефинирање на нештата?

AA: Да, многу. Всушност, сега стана страшно. Телевизиска серија како „Далас“ денес би била класифицирана како програма препорачана за целата публика. Она што денес се случува во секој филм што го гледаме се бесрамни и ужасни сексуални сцени, или некакви други бесрамни гревови. И овие филмови се извезуваат, а Муслиманите од целиот свет, за чудо, ги добиваат: преку интернет, преку црниот пазар, тие ги добиваат филмовите уште пред истите да се прикажат кај нас.

КA: Леле…

AA: И тие мислат дека тоа е таа Христијанска слобода.

КA: Тогаш, тоа е веројатно една од причините зошто се води толку негативна полемика против Америка, големиот сатана, итн., поради свеста за моралната расипаност на Америка.

AA: Да. Многу, многу точно.

КA: Како тогаш, доаѓајќи од Персија, бивајќи воспитан како Муслиман кој станал уште поголем зилот, попобожен и поревносен, како млад Муслиман во американско средно училиште кој се обидувал да преобрати Христијани во Ислам, како за прв пат беше изложен на Христијанската порака, Евангелието, и започна да ја откриваш Библијата?

AA: Во средно имав двајца многу добри пријатели, кои истовремено беа и најдобри ученици во нашето училиште, но и двајцата беа Христијани, и тоа побожни Христијани. Тие ги користеа вообичаените јужно-баптистички методи обидувајќи се да ме преобратат, кажувајќи ми за Молитвата на грешникот (иницијален, небогослужбен дел од преобратувањето во Христијанин, според Баптистите, со што се остварува однос со Бога преку прифаќање на Исус Христос како Негов Син) или за Патот на Римјаните (поставеност на серија на цитати од Посланието до Римјаните, шематски приказ на спасението што се користи од многу протестантски мисионери), или за било што со што би поверувал. Секако, тие ја цитираа Библијата, што за мене значеше дека цитираат од сатанската книга, така што тоа немаше никакво влијание врз мене. Тие сакаа да ме покрстат, јас сакав да ги исламизирам. Многупати се случуваше да им ја земам Библијата од нивните раце и да ја фрлам во ѓубре. Им велев „Престанете да ја читате Библијата“. Тие читаа Библија на училиште, мислам дека во тоа време не беше забрането. Тие читаа, а јас се сеќавам на мојата огромна омраза, силен бес пред фактот дека нив ги расипува таа несвета, демонска книга, и сакав само да им ја извлечам од рацете, да ја фрлам во ѓубре, да ги преобратам во Ислам на било кој начин.

КA: Како, од човек кој сакал да ја фрли Библијата во канта, се претвори во човек кој започнал да ја чита?

AA: Тоа не се случи од некакви свети цели. Некој ми подари Библија, еден мој пријател, и си реков себеси: „Океј, еве една можност. Ќе ја земам Библијава, и истовремено ќе читам од Куранот и Библијата. Знам што е морално, а што неморално. Ќе ги пречкртам сите ужасни, неморални работи што Христијаните и Евреите ги додале во нивните Библии, а ќе ги најдам и сите добри стихови кои се во согласност со Куранот и Исламот, и ќе ги преобратам сите мои пријатели – Христијани, затоа што за нивната Библија ќе знам повеќе од нив, и ќе ги приведам кон Исламот“. Со оваа главна мисла започнав да ја читам Библијата.

КA: И што откри?

AA: Бев малку шокиран. Она на што најмногу се сеќавам е петтата глава од Матеевото Евангелие, и Исусовите зборови за гревот. Наместо да откријам дека Библијата ми кажува дека ми е дозволено да грешам колку што сакам, како што гледав дека се случува околу мене, Библијата ми кажуваше да бидам чист во срцето и умот. Дека, дури да имам и блудна мисла кон жена, веќе сум виновен во очите Божји за прељуба. И дека ако му дозволам на гневот да пушти корени во мојата душа, ќе бидам виновен за убиство. И одеднаш можев да речам дека според овие зборови, јас сум и прељубник и убиец пред Бога. Како Муслиман, за мене беше логично дека Бог може да биди сè што се случува во моето срце и во мојот ум. За прв пат себеси се гледав не како поправеден од моите другари Христијани, туку попрво, како грешник пред очите Божји.

КA: Значи, оваа идеја за внатрешна чистота наспроти простото следење на Шеријатот, или надворешната чистота и надворешната праведност беше ново и револуционерно нешто?

AA: Во голема мера. Поточно, ме обеспокојуваше затоа што си мислев дека доколку ѓаволот ја расипал оваа книга, како е можно таа да е почиста од што било што претходно сум прочитал? Беше многу тешко за мене да прејдам преку тоа и да го разберам. Како е возможно таа извитоперена, сатанска книга да ме поучува на еден пат кој е многу почист, поморален, пољубовен од сè друго што претходно имам прочитано?

КA: Значи, ова откровение, или ова богојавление, се случило кога за прв пат си го прочитал Евангелието по Матеја?

AA: Да, така е.

КA: Леле…

AA: Кога ги прочитав Исусовите зборови, и Неговите кажувања од типот „Доколку вашата праведност не ја надмине онаа на Фарисеите и Книжниците, нема да влезете во Царството Небесно“. И дека доколку имаш гнев во срцето, или си поведен од блудни мисли, тогаш си виновен пред Бога за сето тоа. Всушност, се сеќавам на зборовите дека е подобро да изгубиш едно око, отколку да го изгубиш вечното спасение. Христовиот повик е кон крајна чистота, 100%-на, во срцето, одвнатре нанадвор.

КA: Пред интервјуто исто така спомена дека концептот на љубење на своите непријатели бил новина за тебе, дека оваа идеја за љубење на непријателите е непозната во Исламот?

AA: Да. Никој за тоа нема чуено. Попрво, ако некој ме удри по едниот образ, јас би требало да го удрам двапати повеќе на неговиот друг образ, за да се осигурам дека си ја добил казната. „Око за око“ – многу јасно се проповеда во Исламот. И на ова се сеќавам, кога ги прочитав зборовите на Исуса, кога Тој вели: „Сте слушале дека е речено: »Око за око, заб за заб«. Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои“. Кога непријателот те удира по едниот образ, ти заврти му го другиот, и благословувај ги оние кои те гонат, моли се за оние што ве навредуваат и гонат, љубете ги непријателите свои, на овој начин сведочејќи ја совршеноста на нашиот Отец на небесата, како што и нашиот Отец Својата милост и љубов ја дели и на праведните и на неправедните, така и ние треба да покажаме милост и љубов кон праведните и неправедните. Ова е целосно туѓо на било што Исламско што имам било кога чуено.

КA: Но ти сè уште гледаше разлика, ако може да се каже така, помеѓу Христијанството што се живеело во т.н. Христијанска култура меѓу оние што си ги познавал, од високото морално учење. Дали тоа беше проблем за тебе?

AA: Тоа всушност ми помогна, зашто за прв пат сфатив дека грешниот начин на живеење на луѓето кои себе се нарекуваат Христијани не ја открива вистината на Христијанството; дека тие всушност не Го следеа Христа.

(продолжува)
Извор: Агапи

This entry was posted in Ислам, ЛИЧНИ СВЕДОШТВА. Bookmark the permalink.