Сонуваат светци, и градат манастири

СТРУМИЧКОТО СЕЛО АНЃЕЛЦИ ЖИВЕЕ ВО СУЕВЕРИЕ

Чудни соништа со години ги мачат жителите од струмичкото село Ангелци. Разни светци од нив постојано бараат да им изградат манастири и за возврат да им подарат здравје на болните, деца на бесчедните и сопатник на немажените и на ергените. Што од страв, што од суеверие, селаните им ги исполнуваат желбите на нарачателите-светци, а манастири како печурки по дожд никнуваат во местото наречено Кајнинци, од селото оддалечено три километри. За месното население тоа е новото свето место или македонскиот Ерусалим, како што веќе го нарекуваат. Екипата на „Време“ посака да се увери во приказните и го посети местото на манастири изградени од чудни соништа. Во радиус од 50 метри, наредени еден до друг, изградени се осум манастири посветени на света Петка, света Троица, свети Пантелејмон, света Недела, свети Јован Крстител, свети Ѓоргија, свети Леонтије и на свети Димитар. Сите ги изградиле жители од селото откако овие светци им се појавиле на сон и побарале да изградат манастир. Градителите велат дека во сонот дури и инструкциите се дело на светците. Тие ја кажувале големината, а и бројот на крстовите. Затоа манастирите имаат од еден од три крста. Светците ја препорачувале и оддалеченоста од еден до друг манастир. Првиот манастир во 1987 година го изградиле Бранко и Галаба Иванови по многубројните мистериозни и мачни сонови. – Тоа беа големи божји маки, тешки сонови од кои со сопругот немавме мир. Не можам да опишам како изгледаше тоа, но од нас секоја ноќ света Петка бараше да изградиме манастир токму на ова место над селото. На почетокот ова не го сфаќавме сериозно, но подоцна маките стануваа се поголеми и одлучивме да изградиме – вели Галаба Иванова. По овој почнале да се редат и останатите манастири, а со секој нов храм се исполнувала по една желба или се решавал некој проблем на жителите. Оттука, како што велат жителите, се родиле деца, се излечиле болести, се ожениле ергени. – Подолго време немав среќа со девојките, едноставно не можев да се оженам. На сон ми се појави свети Димитрија и бараше од мене да изградам манастир. На почетокот тоа го криев бидејќи ми беше срам да им кажам на другите. Но откако повеќе не се издржуваа маките во сонот, им кажав на моите родители и го изградивме манастирот посветен на овој светец. Веќе една година сум среќен човек во брак, а секоја година на Митровден овде на манастирот давам ручек – раскажува Мите Делиовски. Манастирите кај Ангелци привлекуваат голем број посетители од целиот регион, доаѓаат и стари и млади, особено во деновите посветени на светците. – Дојдов да се помолам бидејќи едното дете не ми е женето, а другото да добие дете бидејќи подолго време е без пород – вели Зора Лазарова од селото Владевци. Манастирите од чудните соништа со сопствени средства ги градат луѓето на кои светците им се појавуваат на сон, а им помагаат и останатите жители од селото, но и сите други што доаѓаат тука и за здравје оставаат пари. Манастирите не се осветени и нив не ги признава Струмичката епархија на МПЦ. – Ставот на Струмичката епархија кон градењето манастири прикажани на сон е негативен и не го одобруваме бидејќи не е во согласност со каноните на МПЦ – тврди отец Александар, портпарол на Струмичката епархија. Но, и покрај ваквиот став на црквата, жителите не се откажуваат од манастирите. Велат уште многу нивни соселани сонувале чудни соништа, а на ова место ќе се граделе уште многу манастири.

Света вода за девет болести

Покрај манастирите на тоа свето место се ископани и три бунари, по сон на тројца селани. Тие велат водата била света и лекувала девет болести. Според кажувањата во Ангелци, во кое живеат илјади жители, манастирите ги предвидела и видовитата баба Ванѓа од Бугарија и кажала дека ова место ќе биде свето.

Преземено: Време

Advertisements
This entry was posted in ВЕСТИ, Суеверие. Bookmark the permalink.